Насилството меѓу учениците не е присутно само во Македонија, туку го има и во земјите од соседството што минале низ долгиот процес на транзиција што, секако, оставило трага врз сите сфери на општеството
Врсничкото насилство во училиштата и надвор од нив е проблем со кој заеднички мораат да се борат државата, образовните институции и родителите, а неодамнешната видеоснимка објавена преку социјалните мрежи, на која се гледа како двајца малолетници се тепаат, а возрасните ги бодрат, е само потврда дека во земјава се изгубени сите општествени вредности, а она што се популаризира е „законот на улицата“.
Насилството меѓу учениците не е присутно само во Македонија, туку го има и во земјите од соседството што минале низ долгиот процес на транзиција што, секако, оставило трага врз сите сфери на општеството.
Соочена со зголемениот степен на насилство меѓу учениците, Хрватска најави воведување ученички кодекси во сите основни и средни училишта, во кои јасно ќе се дефинираат правата и обврските како на ненаставниот и наставниот персонал во образовните установи, така и на учениците и нивните родители кога станува збор за насилството во училиштата.
– Морав да го отпишам детето од училиште бидејќи постојано беше цел на вербални напади на друга група деца. Претходно пријавував и кај одговорниот наставник, по што ситуацијата привремено ќе се смиреше, но по недела-две повторно продолжуваше. Детето доаѓаше дома плачејќи, велејќи дека го туркале некои деца и го нарекувале со погрдни зборови – раскажува Љубенка Ј., мајка на основец од Велес.
Таа додава дека разбира децата понекогаш и да се спречкаат, но не може да прифати нејзиното дете да биде постојано малтретирано.
– Разговарав со наставникот, тој ми рече дека децата се такви и дека и мојот син треба да им покаже поцврст карактер. Па не сакам јас од моето дете да правам насилник, затоа го префрлив во друго училиште. Засега таму децата добро го прифатија, се надевам дека така и ќе остане – нагласува Љубенка Ј.
Социолозите ја објаснуваат појавата на насилство меѓу учениците со лошиот образовен систем во кој не се води доволно сметка за канализирање на енергијата на децата.
– Денешниве деца најголем дел од акумулираната енергија немаат начин како паметно да ја искористат, па затоа трчаат и се туркаат по одморите, а често и се тепаат. На некој начин тоа е и разбирливо. Замислете, тие седат по пет-шест часа во клупа, седат со мобилните телефони и физичката активност им е целосно запоставена. Училиштето треба да најде начин како таа енергија да се канализира на корисен начин – вели Илија Ацевски, социолог.
Според него, најдобар начин за тоа е преку зголемувањето на часовите по физичко воспитување и вклучување на децата во некакви спортски активности.
– Овој вишок енергија најпаметно е да се потроши на спорт. Кај децата да се создаде еден натпреварувачки дух, да ја исфрлат таа вишок енергија што ја имаат, а истовремено ќе придонесат и за нивно подобро здравје. Седат со часови пред компјутер, ’рбетот им е деформиран, така што спортските активности ќе придонесат за намалување на ваквите појави – нагласува Ацевски.
Тој уште додава дека училиштата мора многу да работат со децата, не периодично, туку во континуитет.
Според дел од психолозите, улога во спречувањето на насилствата меѓу учениците треба да имаат училиштата, родителите, но и самото општество.
– Кога станува збор за училиштата, голема улога има училишниот кодекс на однесување. Имено, постојат училишта, кои по ова прашање функционираат одлично и можат да послужат како добар модел за другите училишта во кои се случуваат насилства. Како општество, треба да бидеме поподготвени да учиме од оние што работат подобро од нас, но, за жал, сè уште сме склони кон ставање на проблемите под тепих – сметаат психолозите.