Заради ублажување на дисбалансот на пазарот на трудот, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и швајцарската амбасада ѝ помагаат на Агенцијата за вработување, сосе нејзините 30 центри низ земјава, да ги оспособи своите вработени за посредување меѓу бизнис-секторот и невработените
Во земјава има 168.180 невработени, или 17,5 отсто од вкупната работно способна популација е без работа, а стопанството веќе со години трпи поради недостигот од работната сила. Во последно време со истиот проблем се соочуваат и голем дел јавни служби. Евиденциите на државната агенција за вработување се такви што редовно се објавуваат само бројки за слободните работни места и, според последната таква објава, станува збор за речиси шест илјади. Бројот на барателите на работа преку агенцијата не се објавува, но оттаму постојано доаѓаат оцени дека „секој втор невработен не бара работа“.
– Навистина е фрустрирачка состојба тоа што во земјава од една страна работодавците не можат да најдат потребна и квалификувана работна сила, а невработените пак не можат да најдат пристојна работа – оцени Стефано Томажиан од Амбасадата на Швајцарија.
Заради ублажување на овој дисбаланс на пазарот, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и швајцарската амбасада ѝ помагаат на Агенцијата за вработување, сосе нејзините 30 центри низ земјава, да ги оспособи своите вработени за посредување меѓу бизнис-секторот и невработените, што треба да придонесе бизнисот полесно да дојде до квалификувана работна сила, а невработените до одржливи работни места.
Како што објасни Томажиан, швајцарската амбасада помага работодавците да креираат пристојни работни места, невработените да се квалификуваат, преквалификуваат и дообучуваат и, преку креирање врски меѓу бизнисот и невработените, да се спојат понудата и побарувачката на пазарот на трудот.
За унапредување на нивните услуги зборуваше директорката на Агенцијата, Билјана Јовановска, вчера, пред почетокот на обуката.
– Таа услуга сакаме да ја унапредиме преку тоа што нашите колеги непосредно ќе комуницираат секојдневно со работодавците и стопанството. Наоѓањето соодветна квалификувана работна сила за потребите на работодавецот е нешто што е многу важно во овој момент и што е важно за целиот систем и за стопанството и за граѓаните воопшто – рече Јовановска.
Нарине Сахакијан, постојана претставничка на УНДП, го дели ставот дека оваа обука треба да ѝ помогне на Агенцијата да ги разбере потребите на работодавците и на барателите на работа, а особено на ранливите групи граѓани. П.Р.