Иницијаторите на идејата за поставување приватни обезбедувачи пред воените објекти, за која велат дека се практикува во најголемиот број НАТО-држави, објаснуваат дека армијата троши голем дел од своите ресурси на обезбедување објекти и средства, иако тоа може да го извршува и помалку стручен кадар од агенциите за обезбедување, а нешто слично одамна се предвидува и во развојните документи на Министерството за одбрана
Можат ли припадници на агенции за обезбедување имоти и лица да ги заменат војниците пред воените објекти и со тоа да ослободат огромен дел од кадарот за извршување посложени задачи, со што, според упатените, би се постигнале и одредени финансиски заштеди? Ваквата дилема стана актуелна во домашната јавност по неодамнешното одржување на дебатата на академската заедница, насловена „Безбедносните предизвици на Република Северна Македонија пред и по членството во НАТО“, и во време кога се спроведува процесот за трансформација на АРМ, која беше најавена во Стратегискиот одбранбен преглед, и кога се очекува претседателот на државата и врховен командант на армијата Стево Пендаровски наскоро да ги утврди и новата структура и формација на армијата. која ќе ги опфати активниот и резервниот состав.
Универзитетскиот професор Маријан Ѓуровски, кој е еден од иницијаторите на оваа идеја, за која вели дека се практикува во најголемиот број НАТО-држави, објаснува дека армијата, која е составена од високостручни професионални војници, троши голем дел од своите ресурси на обезбедување објекти и средства иако оваа должност можат да ја извршува и помалку стручен кадар, кој е дел на агенциите за обезбедување.
– Навреме се отвори дебатата во јавноста во согласност со Стратегискиот одбранбен преглед од 2018 година, кој, верувам, ќе донесе изработка на дополнителна студија, која ќе ги разгледа делокругот на работа и можностите за понатамошно ослободување од несуштинските дејности што во моментов ги обезбедува одбраната, вклучувајќи и заштита на дел од воените објекти. Сите активности може да доведат до безболно дополнително намалувања на персоналот во АРМ и на Министерството за одбрана – објаснува тој.
Професорот смета дека веќе се доцни со таквата мерка.
– Со оваа мерка мислам дека се доцни и треба похрабро да се повлече, бидејќи во СОП од 2004 година беше проследен со значително дивестирање на одбранбени функции, но очигледно е дека постојат дополнителни можности за понатамошни активности во оваа област. Тука спаѓа обезбедувањето на воените објекти, кое го вршат припадници на АРМ, што не е најдобар начин за употреба на обучени војници – вели тој.
Иницијаторот на замислата објаснува дека ваквиот чин ќе донесе и економски придобивки за војската.
– Сега МОРМ и АРМ имаат проблем со професионалните војници што наполнуваат 45 години. Не може да се префрлат во други институции и претставуваат голем финансиски и персонален товар за земјата што не смее да си го дозволи како идна членка на НАТО. Решавањето на овој проблем преку дивестирање на стражарското обезбедување е најдобрата опција и за безбедноста и одбраната и за економијата.
Дневно само на стража АРМ ангажира повеќе од 300 војници, на кои, покрај платата, државата им дава и дневници и храна. Војникот, од друга страна, кога е на стража нема обука, а по дежурството на стража има слободни денови. Значи, имаме по 300 војници дневно активно на стража и по уште толку на слободни денови. Оттука може да се заклучи дека секој ден по 600 војници не се во циклус на обука и тоа непосредно влијае на борбената готовност и операбилност, а со самото тоа и на безбедноста и исполнувањето на преземените обврски. Наедно, денес просечната плата на еден професионален војник е 20.000 денари плус средства за дневници, секој ден по 600 денари и средства за храна, значи некаде околу 8.500 денари по војник државата издвојува само за стражарското обезбедување. Од друга страна, ангажирањето приватни агенции за обезбедување имоти и лица и вклучување поранешни професионални војници со над 45 години во извршувањето на тие задачи е најмалку два и пол пати поевтино и поефикасно – вели Ѓуровски.
Професорот истакнува дека кога зборуваме за реформите и трансформацијата, тие се однесуваат токму за воспоставување на НАТО-стандардите и на трансформација на АРМ, а наедно и на добивање поголема безбедност, операбилност и, особено важно, за пренамена на дел од средствата од буџетот.
– Кога говориме за искуствата од странство, треба само да погледнеме кој го обезбедува седиштето на најмоќната воена организација во светот, па да се прашаме зошто МОРМ и ГШ на АРМ не може да ги обезбедуваат приватни агенции за обезбедување во чиј состав меѓу другите ќе се најдат и поранешни професионални војници над 45 години со искуство и стаж во армијата – резимира Ѓуровски.
Сличен став со Ѓуровски има и воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, кој, пак, додава дека кога може самото седиште на НАТО да го обезбедува агенција за обезбедување, зошто да не може дел од објектите на војската, како касарните и Министерството за одбрана, да биде обезбедуван од поранешни припадници на АРМ и на тој начин да се заштедат финансиски средства со кои реално ќе се растовари буџетот.
Во меѓувреме, Министерството за одбрана во своја изјава за домашните медиуми викендов истакна дека нема коментар за последната иницијатива, но посочи на Стратегискиот одбранбен преглед (СОП), документ за развој на одбраната во чие второ издание оваа можност се споменува на четири места, како една од мерките за „дивестирање на несуштинските дејности“, односно ослободување на војската од сите функции што не ѝ се витални.