Викендов треба да биде пуштена сезонската железничка линија Белград – Скопје – Солун, која беше најавена како добра можност туристите со воз да патуваат до грчките летувалишта, но во суштина станува збор за комбиниран превоз воз – автобус – воз
Патувањето со воз за македонските граѓани е ограничено само на територијата на Македонија, така што за дестинациите надвор од земјата ќе мора да се користи или автобуски, или авионски превоз.
Викендов треба да биде пуштена сезонската железничка линија Белград – Скопје – Солун, која беше најавена како добра можност туристите со воз да патуваат до грчките летувалишта, но во суштина станува збор за комбиниран превоз воз – автобус – воз.
Имено, возот што ќе тргнува од Белград, ќе минува низ Скопје, а потоа ќе сообраќа само до Гевгелија, од каде што патниците со автобуси на грчката железница ќе бидат транспортирани до Солун, каде што повторно ќе бидат качени на воз што сообраќа од Солун кон Атина.
– Искрено се израдував дека повторно ќе може да се патува до Солун со воз. Имав намера да направиме едно семејно патување со децата, да видат што значи возење со воз, но разбрав дека возот оди само до Гевгелија, па ќе треба да се префрламе во автобуси. Тоа ми е повеќе малтретирање, отколку уживање – вели Ѕвонко Јанковски, угостител од Скопје.
Тој додава дека во времето на поранешната држава со своите родители патувал со воз до Италија и дека тоа патување и денес го памети.
– Сите сакавме да патуваме со воз. Ги паметам сликите со преполните купеа по вагоните, кондуктерите со нивните костуми и препознатливите железничарски шапки, измолкнатите глави низ прозорците додека возот ја напушта станицата и ветерот во косата. Да не зборувам за долгите километарски товарни возови, кои пред рампите ги чекавме да поминат по неколку минути – се потсетува носталгично Јанковски.
Куриозитет е што железничката линија меѓу Скопје и Солун е воспоставена на 9 август 1873 година, а сега речиси 150 години подоцна не може да се патува со воз кон овој грчки град.
Од македонската државна железница појаснуваат дека не знаат зошто линијата од Белград преку Скопје до Солун се одвива комбинирано, односно зошто се вклучени и автобуси.
– Немаме точни информации зошто возот не сообраќа директно до Солун. Знаеме само дека Грците не го примаат возот, наводно поради недоволен персонал од нивна страна. Како и да е, нивната железница испраќа автобуси до граничниот премин, кои ги прифаќаат патниците и ги префрлаат до главната железничка станица во Солун. Оттаму се продолжува патувањето повторно со воз – велат од македонските државни железници.
Од државната компанија уште појаснуваат дека станува збор за сезонска линија, која ќе биде воспоставена летово, а ќе биде укината во средината на септември.
Возот од Скопје кон Солун ќе поаѓа секој ден во 4.45 часот, со пристигнување на солунската железничка станица во 9.33 часот, од каде што ќе може да се фати врска со грчки воз за летувалиштата во Литохоро, Лептокарија и Неи Пори.
Од Скопје со воз, но овој пат без претоварање во автобус, ќе може од 15 јуни да се патува и кон Белград, до железничката станица Топчидер.
– Немаме други директни линии, освен оваа до Белград. Оттаму со српски возови може да се патува кон другите европски дестинации – велат од македонската државна железница.
Додека низ Европа и светот на голема врата се воведуваат брзите возови, кои развиваат брзини и над 500 километри на час, Кина гради брза подводна железница, кај нас се потребни децении да се изградат педесетина километри пруга, така што и не зачудува зошто земјава е железнички изолирана.
Токму железничката комуникација се смета како еден од најважните сегменти што придонесуваат за економски развој на земјите, со оглед на тоа што протокот на луѓе и стока се клучни за економијата.
Пругата кон Бугарија беше најавена уште од осамостојувањето на државата, но тоа еве веќе 30 години не се случи, а според последните најави од Министерството за транспорт и врски, целосно железничко поврзување со Бугарија би можело да се оствари до 2025 година.
Неодамна на инвестициски форум во Брисел беше најавено дека постои интерес за железничко поврзување и со Албанија, со изградба на делницата Кичево – Лин, но и тоа не е извесно дали и кога ќе се случи.
Надеж влеваат и намерите на Кина инфраструктурно да го оживее Балканот, инвестирајќи милијарди евра во пристаништата во Грција, во изградбата на брза пруга низ Србија, како и во автопатиштата во Македонија, за реализација на Патот на свилата, преку кој кинеските стоки полесно ќе доаѓаат на пазарите низ Европа.