Влеговме во НАТО, а ги заборавивме воените аташеи?
Безбедносни експерти сметаат дека политичките партии не го разбираат темелно функционирањето на воената дипломатија, која е витален сегмент во моментот кога се справуваме со ковид-19
Измина точно една година по номинацијата на нашиот воен претставник во НАТО, полковник Зоран Секуловски, но тој сѐ уште не е заминат во Брисел, иако Македонија е веќе членка на НАТО.
Нашата земјата нема свои воени аташеи во мноштво од своите светски амбасади, како во Велика Британија, Франција, САД, Кина, Русија, Германија, Грција, во кои се присутни единствено цивилни преставници. Сето тоа испраќа лош сигнал за посветеноста и капацитетите на македонската дипломатија и политика.
Стручната јавност со која се консултиравме ваквите случувања ги карактеризира како темелно неразбирање за значењето на воената дипломатија од водачите на земјата, и оние актуелните, но и оние од минатите политички гарнитури.
Безбедносни експерти сметаат дека политичките партии не го разбираат темелно функционирањето на армијата, која е витален сегмент во моментот кога се справуваме со ковид-19, но тоа е така уште од независноста досега.
Генерал Митре Арсовски вели дека актуелните состојби со недавање примат на армиските дејствувања и военото функционирање на агенда на државата не се новост и тие се проблем со кој АРМ се соочува уште од времето на нејзиното формирање.
– За жал, во денешно време политиката нема разбирање за војската, дури ни кога станува збор за НАТО ,кој како алијанса може многу повеќе да ни помогне во контролирањето и надминувањето на заразата отколку некои други цивилни меѓународни организации. Овие несериозни чекори, каде што се сметаат за недоволно важни именувањата на воените преставници во НАТО, мора да се исфрлат навреме, бидејќи тоа може да ги уништи и земјата и армијата – вели Арсовски.
Генералот истакнува дека се надева дека врховниот командант Стево Пендаровски ќе направи сѐ да го убеди државниот врв посериозно да работи на исполнување на агендата на воената дипломатија.
– Оние што ја водат државата треба да се обидуваат да го истуркаат незнаењето за значењето на дејствувањето на аташеите надвор од државата. Ние треба да се обидуваме да функционираме како НАТО, каде што нема импровизации и политички влијанија меѓу униформираните – вели генералот.
Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски вели дека ако го погледнеме функционирањето на НАТО кон Македонија за време на траењето на пандемијата, ќе забележиме дека оттаму по кратка постапка сме примиле медицинска помош, на краток и ефикасен начин, кој го практикува војската.
Аналитичарот се надева дека структурите на НАТО, како што ќе изминуваат годините во членството, ќе ги научат македонските политичари да го ценат значењето на секој сегмент на одбраната, вбројувајќи ги тука и воените аташеи и сеопштата дипломатијата во армијата.
И без амбасадори во клучните мигови за државата
Проблемот со непоставувањето дипломати во македонските амбасади низ светот, „Нова Македонија“ исто така го анализираше во свој неодамнешен напис.
Имено, во моментов непополнети се еден куп амбасадорски места во најважните мисии во светот, меѓу кои и амбасадорското место на Македонија во Бугарија. Според дипломатите, оваа практика на неажурност и неодговорност ја карактеризира нашата дипломатија како несериозна и пред сѐ е сериозен хендикеп за самата земја.
Според информациите на интернет-страницата на Министерството за надворешни работи, сѐ уште не се пополнети амбасадорските позиции во постојана мисија на Македонија во ЕУ, Брисел, САД, Русија, Кина, Индија, Канада, Египет, Израел и Бразил и во европските земји Хрватска, Белгија, Италија, Полска, Словенија и во Шпанија.