Во присуство на претседателот на државата Стево Пендаровски, на премиерот Зоран Заев, делегации од Владата, Собранието, дипломатскиот кор, политички партии, здруженија на граѓани денеска во Прилеп беа одбележани 80 г. од вооруженото востание, денот кога од градот под Марковите кули започна отпорот против фашизмот.

Делегациите положија цвеќиња на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифоски Питу и на Могилата на непобедените, каде се обрати претседателот на Македонија Стево Пендаровски.

При тоа тој рече дека денес, кога низ целата земја го празнуваме Денот на народното востание, им оддаваме почит на храбрите мажи и жени кои се жртвуваа за нашата слобода и државност. Пред малку и тука, во Прилеп се поклонивме пред 462 имиња на паднати борци. -Овде стоиме меѓу осумтте урни на Могилата на непобедените, од кои највисоката и најубавата го симболизира вечниот пламен на слободата. Не случајно луѓето секогаш ја поистоветувале слободата со светлината. Низ вековите, идејата за слобода го насочувала патот на праведниците кои сакале самите да ја мислат својата сегашност и иднина. Востанието започна во најмрачниот час од нашата историја. Децениите на национална обесправеност, насилна асимилација и пропаганди, кулминираа со фашистичката окупација во април 1941 година. Како идеологија на злото што ги дели народите на супериорни и недостојни, фашизмот му даде за право на посилниот брутално да владее со послабите.Не можејќи повеќе да го гледаат теророт врз народот, на 11 октомври 1941 година, борците на Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, го означија почетокот на народното востание, како тогаш последна етапа на историскиот континуитет на борбата за слободна македонска држава. Континуитет, затоа што тие продолжија да чекорат по патеката на Илинденците рече Пендаровски, при тоа посочувајќи дека треба да се обединиме околу интеграција во евроатлантските структури.

Според претседателот Пендаровски, иако победен, фашизмот, за жал, и до ден денешен, не е целосно искоренет.

-Оваа ужасна идеологија што ги мрази различните, ги презира ранливите, и е индиферентна кон оние кои страдаат, секогаш одново се јавува во периоди на длабоки кризи. Ксенофобијата, расизмот и другите типови на неофашизам се вечниот непријател на вроденото достоинство на човекот и слободата на народите. Истовремено, многу од старите пропаганди се присутни и денес и во нов формат продираат во македонскиот традиционален и дигитален простор. Иако ни доаѓаат по нови патишта и во нови форми, фашизмот и пропагандите имаат иста цел – да сеат раздор и омраза меѓу луѓето. За да бидеме отпорни кон нив, мора да научиме да ги препознаваме и да ги отфрламе – посочи тој, додавајќи дека пред нас е задачата да ги чуваме слободата и демократските вредности, и посветено и одговорно да придонесуваме за соживотот.

Претходно говореа и градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски и претседателот на Сојузот на борци Круме Соколоски.

Додека делегациите полагаа цвеќиња активисти на политичката партија Левица ја окупираа Могилата на непобедените и стоеа цело време додека делегациите полагаја цвеќиња.

Ка.М.