Во просториите на Владата денеска се одбележа Денот на наставата на турски јазик, 21-ви декември. Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан, покани просветни работници од неколку основни училишта каде што наставата се изведува на турски јазик од Скопје, Гостивар, Струмица, Охрид и Радовиш.
Помеѓу присутните беа поканети и просветни работници кои својот живот го минале образувајќи ги децата на турски јазик, а сега се веќе во пензија, па на нив им беше доделена благодарница за придонесот за наставата на турски, негување на јазикот и културата.
Во продолжение на настанот, во дискусија беше посочено дека како припадници на помала етничка заедница, Турците во Македонија се соочуваат со многу недостатоци во образованието, а како главен проблем беше истакнат недостатокот на учебници на турски јазик.
Министерот Елвин Хасан истакна увереност дека Владата има капацитети да ги реши тие проблеми во иднина бидејќи, како што кажа, тоа е цел и на нејзината стратегија „Едно општество за сите“.