Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги потсетува сопствениците на миленици дека е во тек кампањата за микрочипирање на кучиња и мачки.
Кампањата ќе трае до 31 март идната година. Обезбедени се 100.000 бесплатни микрочипови, а донацијата е по принципот „прв дојден, прв услужен“.
– Сопствениците на миленици да ја искористат оваа можност, да ја исполнат својата законска обврска и да го идентификуваат својот миленик со микрочип, апелира АХВ.
Откако ќе се потрошат бесплатните микрочипови, односно по истекот на предвидениот рок за реализација на оваа кампања, сопствениците на домашни миленици за микрочипот ќе треба да платат по 800 денари.
– Микрочипирањето е безбедно и безболно за милениците. Микрочипот содржи информации за сопственикот на миленикот, расата на кучето, полот, возраста и за тоа дали и кога е вакцинирано против болеста беснило. Списокот на ветеринарните друштва со кои Агенцијата има склучено договор за реализација на оваа кампања е објавен на интернет страната на Агенцијата – њњњ.фва.гов.мк. Сопствениците на миленици можат да одберат кај кое ветеринарно друштво ќе го микрочипираат својот миленик, наведува Агенцијата.
Кампањата за бесплатно микрочипирање на милениците е дел од тригодишната стратегија што ја донесе Агенцијата за храна и ветеринарство за да се обезбеди здравствена заштита и благосостојба на животните, да се поттикне одговорното сопствеништво и да се намали бројот на кучињата скитници по улиците низ државава.
АХВ досега има евидентирано 9.200 домашни миленици.