Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија обврзува да се одржува европски дијалог и да се почитува и применува целосно, вклучувајќи го и темелниот принцип за немешање во внатрешните работи на двете земји, велат од Владата како реакција на, како што се посочува, актуелните политички пораки од бугарските политичари, кои излегуваат од рамката на европските вредности и принципи.
„Имаме разбирање за внатрешна политичка предизборна состојба во Бугарија и компликуваниот изборен тек, но сметаме дека тоа не е причина за политички пораки за кампањски потреби кои излегуваат од рамката на европските вредности и принципи за почитување на кој е изграден Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Таквите тонови не се доживуваат како пријателски од страна на македонските граѓани. Немешањето во внатрешните работи е принципиелен став, а таков став очекуваме и од соседите“, се нагласува во владиното соопштение.
Во него се додава дека македонските власти, остануваат посветени на дијалог со Софија и барање на взаемно прифатливо решение за прашањата што се отворени.
„Решенијата не се во минатото, тие се во иднината, а иднината бара дијалог, не монолог за внатрешна употреба. Кога станува збор за земја членка на ЕУ и за земја со потврдено признание дека ги исполнила сите услови за почеток на преговори за членство, дијалогот е единствено решение за билатералните прашања и за изнаоѓање меѓусебно разбирање“, посочуваат од Владата.