Следниот состанок на македонско-бугарската комисија за историски прашања ќе се одржи во октомври, по барање на македонската страна. На последната средба, македонските и бугарските историчари не постигнаа напредок, а по неуспешниот состанок бугарските историчари и политичари излегоаа со свои видувања за проблемот.
Ангел Димитров – копретседател на комисијата, за бугарските медиуми истакна дека нема напредок и ситуацијата нема брзо да се промени. Според него, потребната катарза во историското размислување не може да се случи без политичка волја, а компромиси во науката не треба да се прават и не треба да се очекуваат. Димитров исто така ги обвини своите колеги од македонска страна дека покажувале неподготвеност за конкретни разговори на одредени теми со одредени аргументи. Според бугарскиот историчар и поранешен амбасадор во Македонија, во разговорите немало академска дискусија и можност за да се дојде до решение. Ангел Димитров исто така посочи дека кај македонските историчари имало промена во пристапот, однсоно со барање за презентирање на сите гледишта, ако тоа го дозволуваат автентичните извори. За него ова е сериозен проблем.
Со свое видување за проблемите во работењето на комисијата излезе и Кирил Топалов, исто така член на мешовитата комисија. Според Топалов, македонските историчари ги читаат фактите, истражувањата и толкувањата од бугарската и странската историографија како што ѓаволот го чита Евангелието. Го поминавме времето во кое тие очигледно сè уште живеат. Според него, историчарите од македонска страна наместо да направат уште еден обид да дојдат до прифатлив текст за нивните учебници за суштината на царството на Самуил, за Григор Парличев и Гоце Делчев, тие доставиле апстрактен и нелогичен текст за објаснување за овој мултиперспективен историски пристап.
Топалов за бугарските медиуми исто така истакна дека низ срцата на една третина од бугарското население тече крвта на оние Бугари кои загинаа за слободата на Македонија за време на Илинден, Охридско-дебарското, Кресненско-разлошкото и ред други востанија, како и на фронтовите во двете балкански и Првата светска војна, водени од бугарскиот народ за ослободување на Македонија. И ние, нивните потомци, никогаш нема да прифатиме дека нашите дедовци не биле Бугари, не зборувале бугарски јазик и не ги дале своите животи со јасна бугарска национална свест.
За работата на македонско-бугарската комисија со свои погледи во медиумите излезе и европратеникот од ГЕРБ, Андреј Ковачев. Според него, расправата не се однесува за сегашниот идентитет и јазик. Договорот зборува за заедничка историја на двата присутни народи. Заедничка бугарска историја, не споделена, не испреплетена, но заедничка за истата етничка група во минатото, која етничка група несреќна судбина и големите сили започнаа брутално да ја делат на почетокот на 20 век. Ковачев исто така вели дека секој има право на самоопределување, а омразата и неединството може да се надминат само преку европска интеграција.
И покрај обидите на бугарските историчари и политичари да ја префрлат вината, односно дека Македонија е виновна за бугарското вето, но очигледно е дека бугарската страна се обидува да ги наметне своите видувања. Според македонските аналитичари кој ја следат работата на комисјата, главниот проблем произлегува од декларацијата која беше усвоена во бугарското собрание, а оваа декларација се одрази во работата на мешовитата комисија. Ангел Димитров ги обвини македонските историчари дека се неподготвени за конкретни разговори на одредени теми, меѓутоа токму Димитров и бугарските историчари ретерираа од договорените работи, како што е чествувањето на Григор Прличев, со што се блокира работата на комисијата. Уште во 2018 година, на заедничката пресконференција на Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров беше истакнато дека е постигната согласност за заедничко чествување на Прличев, меѓутоа бугарските историчари го проблематизраа терминот македонска култура, односно значењето на Григор Прличев за македонската култура.
Работата на комисјата е блокирана и од лични моменти на накои од членовите. Кирил Топалов има македонско потекло, тој е потомок на македонски бегалци од Дебар. И покрај потеклото, тој има бугарско национално сознание. Очигледно е дека оваа условеност се одразува врз ставовите на Топалов, а отука е и неговата изјава дека – Ние, нивните потомци, никогаш нема да прифатиме дека нашите дедовци не биле Бугари, не зборувале бугарски јазик и не ги дале своите животи со јасна бугарска национална свест. – Искажувањето на Топалов е далеку од етичка и професионална, бидејќи личните моменти немаат место во работата на мешовитата комисија.
Според познавачите на оваа проблематика, бугарските историчари и политичари одбиваат да го прифатат мултиперспективен историски пристап, односно одбиваат на учебниците по историја да бидат искажани и други видувања за историските личности и настани. Во светската историка наука за многу настани и личности постојат различни видувања, меѓутоа бугарските историчари сакаат да ги наметнат своите тези. Затоа во учебниците по историја нема место за искажувањето на германскиот историчар Јохан Густав Дројзен кој во својот историски атлас, државата на средновековниот владетел Самуил ја именува како Македонско царство на Словените со што прави динстикција помеѓу Првото бугарско царство и Самуиловата држава.
Но за бугарската страна не се важни историските извори и научни видувања, туку бугарските историски тези кои се обидуваат да ги наметнат преку работата на комисијата и блокирањето на Македонија во ЕУ. Затоа Андреј Ковачев говори за заедничка бугарска историја, не споделена, не испреплетена, но заедничка за истата етничка група во минатото. Односно Македонците се вештачка нација, имаат бугарски етнички корени и имаат право на самоопределување, но од 1944 година. Не треба да заборавиме дека бугарската страна бара политичко решение, затоа Ангел Димитров вели дека е потребна политичка волја.