Граѓаните досега пријавиле вкупно 105 проблеми, од кои 11 се решени, а 27 се ажурирани. Тие имаат можност при пријавувањето на апликацијата да оставаат коментари со дообјаснување, за да им олеснат на локалните власти полесно да го решат проблемот на терен
Нов електронски систем oд неодамна им овозможува на граѓаните да пријават комунален проблем во општината во која живеат, за општинарите поскоро да го решат. Oвој проект, со кој веќе се решаваат проблеми, го реализира здружението на граѓани „Нексус – граѓански концепт“, а платформата prijavi.mk или raporto.mk веќе функционира во неколку општини. Како пилот-проект, оваа новина првпат беше воспоставена во општината Гостивар пред два месеца.
– Пријавувањето е едноставно и брзо. Сѐ што треба да направат корисниците е со својот мобилен апарат да се лоцираат на местото/улицата од интерактивната мапа на градот и да го пинуваат проблемот со кликнување на картата, потоа да направат фотографија, да изберат категорија, да ја прикачат фотографијата на апликацијата и на крајот да ја испратат жалбата до општината. И, се разбира, волјата и желбата на граѓаните за подобар и поквалитетен живот, како една од најважните работи што ги поттикнува, да ги пријавуваат комуналните проблеми што ги фрустрираат секојдневно. На платформата можат да се пријавуваат проблеми групирани во следните категории: oтпадоци, дупки на пат, загадувачи на воздухот (чад од фабрики, домаќинства/куќи, возила, запалени диви депонии), загадувачи на водата, градско осветлување – информира Афродита Муслиу, претседателка на здружението и менаџерка на проектот.
Таа вели дека градоначалниците се заинтересирани за ваква соработка.
– Тие се свесни и велат дека ваквата веб-апликација ќе ги растовари не само општинските службеници туку дури и самите градоначалници од пријавувањето на ваквите и слични проблеми директно до нив, преку телефонски повици или имејл. Единственото нешто што ги остава да подразмислат е дека за да има одржливост платформата и да не заврши како неискористувана алатка е скромниот месечен надомест за одржување на платформата. Во проектот е вклучена општината Гостивар, а од неодамна и скопските општини Центар и Карпош – додава Муслиу.
За да функционира ова, најважно е граѓаните да се информирани дека оваа можност постои. Здружението ќе го прави тоа со кампањи, со кои ќе се покажува и како се користи таа.
– Општините се обврзаа да го стават линкот до апликацијата на почетната страница од својата веб-страница и да ги користат сите свои ресурси за нејзина промоција. Од првиот ден на воспоставувањето и ставањето во функција на платформата до вчера има пријавено вкупно 105 проблеми, 11 се поправени, а 27 се ажурирани. Граѓаните имаат можност при пријавувањето на проблемот на апликацијата да оставаат коментари со дообјаснувања за да им олеснат на локалните власти полесно да го пронајдат и да го решат проблемот на терен. Коментарите на фејсбук-профилот на „Нексус – граѓански концепт“ се позитивни – заклучува менаџерката Муслиу. Инаку, платформата е донација од организацијата за општините.