На заедничката прес-конференција македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот колега Бојко Борисов зборуваа за заедничките постигнувања, како и за заедничката иднина на двете земји во рамките на Европската Унија. Со посебно задоволство беше нагласено беше дека Европската Унија го препознава ентузијазмот и работата постигната од двете земји.
– Секој ден покажуваме на Балканот, на Европа и на светот за тоа што постигнавме согласност и заеднички чествуваме личности и настани од заедничката историја на нашите две земји и народи. Во месеците кои што се пред нас продолжуваме посветено да работиме на согледување и утврдување на сите блиски точки и личности кои нѐ поврзуваат. Денеска заклучивме и ги охрабруваме двете комисии од двете страни да продолжат во решавањето на прашањата кои што следуваат. Верувам дека ќе се најде решение за историската личност, херојот Гоце Делчев. Тој е херој кој ги поврзува двата народи. Затоа продолжуваме да му оддаваме почит преку јазикот на заемното разбирање, тоа го правиме заеднички со нашите блиски пријатели кои споделуваат слични чувства и цели. Убеден сум дека делата на Делчев може да нѐ поврзуваат и во чест на таа идеја заедно со премиерот Борисов денеска ќе се поклониме на гробот на великанот во црквата „Св. Спас“, а секако потоа ќе го пуштиме споменикот на полковникот Каварналиев кој беше разрушен, а денес е возобновен во Дојран – изјави на прес-конференцијата премиерот Зоран Заев.
Бугарскиот премиер исто така имаше кусо обраќање.
– Се надевам историчарите не само што нема да попречуваат, туку и ќе вложат огромни напори за да го најдат правилното изразување за историјата што ќе нѐ обединува како што денеска господинот Зоран Заев рече, заедно да се поклониме пред овие големи луѓе – истакна меѓу другото Борисов.
Одговарајќи на новинарско прашање дали би можело да се случи, под некакви околности Бугарија да го блокира нашиот пат кон ЕУ, тој беше дециден.
-Не би сакал да помислам дека е можно да се дојде до такво прашање, по сите напори што ги направивме, да дојде ситуација да кренам рака против Македонија е недопустливо. Затоа нудам и на колегата Заев секојдневно да работат експертските комисии за да се унапредува тој процес. Зоран е свесен сум се борел со Германија и Франција да се помогне на Македонија, и да допуштиме да биде земјава блокирана, тоа не го дозволувам ни како помисла – рече Борисов на зедничката прес конференција.