Фото: Игор Бансколиев

Жолтицата е регистрирана во речиси сите општини во главниот град, а општината Сарај е на врвот со дури 14 заболени. Во Ѓорче Петров има девет заразени, осум во Гази Баба, а седум се од Аеродром

Дали по епидемијата на морбили, Македонија е пред епидемија на жолтица, од која за неполни три месеци заболеле 60 лица во Скопје, а меѓу заразените се професор и 14 ученици од неколку скопски училишта. Сепак, докторите посочуваат дека изворот на зараза не се училиштата, но препораките се да имаат засилен надзор во овој период и да се дезинфицираат просториите.

Од Клиниката за инфективни болести велат дека немаат заболени со сериозни компликации, но возрасните потешко ја прележуваат заразата од децата.

– Болеста е регистрирана речиси во сите општини во главниот град, а општината Сарај е на врвот со дури 14 заболени. Во Ѓорче Петров има девет заразени, осум во Гази Баба, а седум се од Аеродром. На Инфективната клиника има 17 хоспитализирани пациенти со заразна жолтица од кои 10 се деца – посочуваат од клиниката.

Докторите апелираат децата задолжително да ги мијат рацете, зашто тоа е начинот на кој болеста се спречува, односно не се пренесува.

– Хепатит А е болест на нечисти раце и личната и колективната хигиена се основна превенција од жолтица. Најдобра превенција е миење на рацете со вода и сапун, само така може да дојде до прекинување на заразата – посочуваат лекарите.

Според нив, инкубација, односно времето што поминува од моментот на влегување на вирусот во организмот до појавата на првите симптоми на болеста, изнесува од 15 до 50 дена, а најчесто тоа е околу 30 дена.

– Симптоми на болеста се покачена температура, слабост, губење апетит, гадење и повраќање, а понекогаш и пролив. Може да се јави болка под десниот ребрен лак, а по неколку дена од појавата на првите симптоми се забележува темна урина (боја на пиво), столица со светла боја и појава на пожолтување на кожата и белките на очите. Најчесто, симптомите исчезнуваат за една до две недели, но целосното закрепнување трае подолг временски период, од четири до шест недели – објаснуваат лекарите.
Од Министерството за здравство велат дека меѓу заразените случаи нема епидемиолошка поврзаност, односно сите се поединечни случаи, лоцирани во повеќе училишта. Оттаму велат дека будно ја следата ситуацијата.

Инаку, за хепатит А постои вакцина, но не е задолжителна. Во 2014 година во Скопје имаше епидемија од заразна жолтица, која заврши со повеќе од 500 заболени.


Секоја четврта епидемија нема утврден извор на зараза

Од Институтот за јавно здравје посочуваат дека заразната жолтица се појавува во сите делови на светот, меѓутоа ендемски (постојана присутност), со повремени епидемии почесто се јавува во послабо развиените или неразвиените земји во светот, како на пример земјите на Африка, на Блискиот и Далечниот Исток, во Јужна и во Средна Америка.
– Во развиените земји вирусниот хепатит А ги зафаќа сите возрасни групи, со тоа што детската возраст е најзастапена. Исто така, епидемиите во развиените земји се развиваат постепено и зафаќаат поголеми географски подрачја и траат повеќе месеци. Секоја четврта епидемија нема утврден извор на зараза. Во умерените климатски подрачја постои изразена сезонска динамика во појавувањето на ова заболување, зашто најголем број заболени се регистрираат кон крајот на летото и почетокот на есента – посочуваат од институтот.­