Охридското Езеро има најголема биоразновидност во светот. Сега риболовците помагаат за спас на „живите фосили“ од истребување, пишува „Би-би-си“ во репортажата насловена „Запоставениот европски Галапагос“, во која акцент се става на опстанокот на охридската пастрмка.
Популарноста на охридската пастрмка сега ја загрозува нејзиниот опстанок. Во 90-те години, годишниот улов достигнуваше над 120 тони, а во периодот од 2012 до 2018 година во просек изнесува 61 тон.
Охридското Езеро е од витално значење за локалното население при што секое семејство има свој брод и долга рибарска традиција. Роланд Бичја од селото Лин на албанската страна на езерото во разговор за „Би-би-си“ ја објасни специфичната ситуација во која се наоѓаат риболовците.
– На нив им е потребно да ја ловат охридската пастрмка за да остварат приходи, но ако претераат, можеби веќе нема да ја има пастрмката, со што ќе биде загрозена нивната егзистенција. Токму затоа, тој и неговите колеги сега се вклучени во проект чија цел е порибување на езерото со охридската пастрмка. Комерцијалниот риболов е забранет од декември до март, кога рибите се мрестат. Во тој период риболовците се платени да ја заловат пастрмката, да ја извлечат нејзината сперма и вештачки да ги оплодат јајцата, без да ја убијат рибата. Јајцата потоа се носат во локално мрестилиште каде што се растат и се излегуваат во период од 10 месеци. Рибарите потоа се плаќани да ги вратат во езерото. Ова претставува решение за проблемот со кој се соочуваат риболовците ширум светот – се наведува во репортажата, во која се додава дека на македонската страна има забрана за ловење на пастрмката.
Покрај прекумерниот риболов, како закани за регионот се посочуваат и градежништвото и загадувањето кои се зголемиле со подемот на туризмот во градот кој е под заштита на УНЕСКО од 1979 година.
Охридското Езеро е едно од најстарите на светот и се смета дека е формирано пред околу четири до 10 милиони години. „Би-би-си“ истакнува дека Охридското Езеро се нарекува и „европскио Галапагос“ поради големиот број на животински и растителни видови специфични за ова езеро. Неговите хипнотизирачки зелено-сини води се опкружени со снежни планини и бројни градови и села на брегот на албанската и македонската страна, посочува британскиот медиумски сервис. Во репортажата се наведува и дека Охрид се смета за свето место во православното христијанство, додека се напоменува и дека кириличното писмо е развиено во Охридската книжевна школа.