По повод Први мај – Денот на трудот вчера во Владата се одржа седница на Економско-социјалниот Совет на кој синдикатите и работодавачите ги испорачаа своите барања до економскиот тим од Владата.
Премиерот Зоран Заев на седницата повика на чести состаноци меѓу синдикатите, работодавачите и институциите со цел да се создаде поголемa продуктивност и конкурентност којашто значи многу за развој на македонската економија.
-Дијалогот помеѓу државата, работниците и работодавачите е суштински во процесот на креирање на солидарно општество во кое ќе има економски напредок видлив и почувствуван од сите. За компаниите тоа треба да значи повисок профит преку зголемување на производство, трговија или извоз, за работниците повисоки плати, почитување на работничките права, услови за напредок во кариерата, избор на работни места и отворање на нови работни места- рече премиерот Заев.
Премиерот истакна дека државата е таа што преку социо-економски политики треба да создаде услови и плодна почва за да се развие таква поволна бизнис клима и опкружување и таквите промени да бидат почувствуваат насекаде.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска којашто претседаваше со Советот истакна дека оваа социјалдемократска Влада се грижи за работничките права и дека поради тоа се изготвува целосно нов Закон за работни односи.
-Како Влада која што сака да го слушне гласот на сите синдикати и организации и на којашто ни е важно секое мислење, направивме измени и овозможивме активно учество во Економско- социјалниот Совет на сите синдикати без разлика дали се членови или не. Исто така би сакала да потенцирам дека поголемиот дел од барањата коишто денеска ги адресираше ССМ ќе бидат опфатени во Законот за работни односи којшто ќе се носи во во широка консултација-рече министерката Царовска.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев истакна дека Северна Македонија влезе во една нова фаза во која се намалува невработеноста и почнува да се соочува со недостиг на кадар.
-Тука го гледам просторот работодавачите и вработените да станат партнери. Ние можеме да направиме убава кохезија и таа да биде заснована на баланс. Работодавачот нема среќа, ако не ги гледа работниците среќни, бидејќи само среќен работник е продуктивен работник, а совесен работодавач ги гледа вработените како семејство. Сега се отвора нов простор за соработка меѓу сидикатот и работодавачите, во тоа како да се подигне продуктивноста, како да се подобри конкурентноста и ние како Влада ќе помогнеме во тоа-истакна вицепремиерот Анѓушев.
Министерот за финасии Драган Тевдовски истакна дека Владата многу добро го сфати и применува концептот на праведен раст, или раст кој ќе опфати најголем број од граѓаните, а не само дел од нив.
-Еден од првите чекори кои ги направивме е покачувањето на минималната плата, и тоа за сите гранки. Покачувањето на минималната плата имаше ефект врз растот кај најниско платените гранки, но и кај секторите со повисоки плати. Растот на платите беше придружен и со други позитивни економски движења. На пример, во континуитет имаме позитивни резултати во индустријата. Вчера, Државниот завод за статистика објави раст на индустријата во првото тримесечје од 2019 година од 8,8%. Ова е во контекст на тезата дека подобро платените работници се попродуктивни- рече Тевдовски.
Преставниците од Сојузот на синдикати на Македонија истакнаа дека оваа година ја вратиле традицијата и со протестен марш ги искажале своите барања кои се состојат од зголемување на платите на работниците и јакнење на работничките права. На Седницата присуствуваа и преставници на работодавачите, но и синдикатите кои не се членови на Советот.