Протестни маршови во организација на повеќе синдикати се одржаа вчера во Скопје, како дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот, 1 Мај, кој традиционално во светот се прославува во чест на борбата на работниците за унапредување на нивните права.
– Договори за вработување на неопределено време, прекинување на практиката на договори на определено време подолго од една година, саботата и неделата да бидат денови на неделен одмор, регрес за годишен одмор за сите, 12 месеци породилно отсуство, минимална плата од најмалку 13.800 денари, се само дел од барањата што ги искажавме во синдикалниот марш – нагласуваат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Тие упатија апел и за ставање крај на мобингот и дискриминацијата и на мешањето во синдикалното организирање, како и за унапредување на колективното договарање.
Претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Ѕвездан Георгиевски, вели дека протестните маршеви, парадите и прошетките на некој начин се надмината работа во борбата за работничките права.
– Денес работодавците не се главниот непријател на вработените, туку неолибералните политики што го регулираат ова прашање. Не само кај нас туку на глобално ниво синдикатите се речиси тргнати од политичката сцена и маргинализирани како значаен фактор во одлучувањето и креирањето на тие политики. Мислам дека е потребно да се редизајнира начинот на протести, да се наметне како наратив во јавноста и на тој начин синдикалната борба да ја добие онаа потенција што мора да ја има – вели Георгиевски.