Агенцијата за храна и ветеринарство апелира до одгледувачите на живина на целата територија на државава да ја исполнат законската обврска и согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните, да се обратат до најблиското ветеринарно друштво и да ја вакцинираат живината и гулабите против болеста Њукастел.
– Болеста не е зооноза, односно од неа човекот не може да заболи, но е високосмртоносна за живината и предизвикува големи економски штети во живинарството – велат од Агенцијата.
Потсетуваат дека вирусот на оваа болест беше лабораториски потврден во почетокот на месец април во одгледувалиште за бројлери во скопската општина Гази Баба, по што Агенцијата за храна и ветеринарство донесе решение за спроведување на сет безбедносни мерки за спречување на ширењето на болеста.
Заради заштита од евентуално ширење на вирусот преку месото, од пазарот повлечени и уништени беа количните месо кои пред детектирањето на болеста биле дистрибуирани во продажба.