Да гледаме кон иднината и да ги надминеме разликите за Скопје повторно да биде град на солидарноста и соживотот, истакна градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во своето обраќање пред Споменикот на ослободителите, а по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.
– Денес ја имаме можноста да живееме во слободен град, но тоа е и аманетот кој ни го оставија оние кои се жртвуваа за да имаме иднина. Да гледаме кон иднината, да ја живееме сегашноста надевајќи се дека ќе можеме да ги надминеме разликите и повторно да го направиме Скопје да биде град на солидарноста и на соживотот. Знам дека скопјани можат да се обединат и знам дека сите ние заедно ќе отпочнеме да реализираме визија за модерно, европско, поубаво Скопје. Не е важно само да го чествуваме овој ден. Важно е и секој еден ден да се сеќаваме на жртвата која борците ја дале, за денес да живееме во слободно Скопје и во слободна Македонија – рече Арсовска.
Пред Споменикот на ослободителите се обрати и претседателот на градската организација на Сојузот на борците од НОАВМ, Наум Буревски кој порача дека борбата за слободно Скопје им припаѓа на сите граѓани на Македонија.
– Ова е еден од најзначајните празници на Скопје. Денеска се потсетуваме на херојскиот чин на 12-та, 16-та и Третата ударна бригада кои што пред 77 години го ослободија Скопје. Во непосредна близина, кај тогашната Учителска школа, се водеше една од клучните операции за ослободување на нашиот град, каде што животот го положија многу борци – рече Наум Буревски, претседател на градската организација на Сојузот на борците од НОАВМ.