Ваквите прашања, како што е употребата на мобилните телефони и слични средства на информатичката технологија во денешно време, ги ставаат на разни предизвици модерните општества воопшто. Затоа треба да бидат разгледани од повеќе аспекти како мултидимензионални прашања, каде што секој треба да даде свој придонес во насока на подобрување на квалитетот на наставата, смета министерот Адеми
Не само паметните телефони туку сето она што го попречува наставниот процес и му наштетува на квалитетот не треба да има место во училиштата. Ова е ставот на министерот за образование и наука Арбер Адеми на прашањето дали размислувал да се воведе забрана и кај нас за користење телефони на час, по примерот на Франција, каде што забраната ќе почне од септември.
– Нема место во училиштата за сѐ што го попречува воспитно-образовниот процес. Ваквите прашања, како што е употребата на мобилните телефони и слични средства на информатичка технологија во денешно време, ги ставаат на разни предизвици модерните општества воопшто. Јас сум сигурен дека за ова прашање се заинтересирани сите засегнати страни во образовниот процес, почнувајќи од родителите, наставниците, директорите на училиштата и надлежните образовни органи на локално и централно ниво – вели Адеми за „Нова Македонија“.
Според него, фокусот треба да е на тоа да се обезбедат услови за квалитетно образование и да се отстранат појавите што му нанесуваат штета.
– МОН како институција е отворена и за неа се добредојдени сите иницијативи, идеи и предлози за подобрување на квалитетот на образованието, кои затоа треба да бидат разгледани од повеќе аспекти како мултидимензионални прашања, каде што секој треба да даде свој придонес во насока на подобрување на квалитетот на наставата – додава тој.
Во другите европски земји проблемот со употребата на паметните телефони во училиштата и негативното влијание врз наставата е увиден одамна и веќе се преземаат мерки
Француските ученици од претстојната учебна година ќе мораат да ги остават своите паметни телефони и уреди дома или да ги исклучат додека се на настава. Ваквата одлука на француската влада се однесува на децата на возраст од три до 15 години. Раководствата на училиштата за средно образование со ученици на возраст од над 15 години ќе можат самостојно да изберат дали да ја усвојат телефонската забрана или не.
– Знаеме дека постои феномен на зависност од екран, феномен на лошо користење телефон. Нашата главна цел е да ги заштитиме децата и адолесцентите. Тоа е фундаменталната улога на образованието, а овој закон е во таа насока – изјави францускиот министер за образование Жан-Мишел Бланкер.
„Нова Македонија“ ги праша членовите на Здружението на просветни работници на Фејсбук дали се согласуваат ваква забрана да има и кај нас. Многумина од нив дадоа потврден одговор.
– Милион пати им е кажано и на учениците и на родителите на родителските средби, залудно е сѐ, децата пак се со телефоните на час. До кога вака – прашува една професорка.
Проблемот е поизразен кај нејзини колеги што предаваат во училиштата за средно образование. Тие велат дека имаат големи тешкотии на дневна основа заради учениците што постојано висат на своите телефони за време на часовите.
– Учениците не се присутни на часот. Ако телефонот не им е во рака, ги фаќа паника. До тој степен се зависни, што се случува да прашуваат каде им е телефонот додека го држат в рака. Не поминува час без да му се обратам некому со „тргни го телефонот“. Денешните генерации развиваат социопатски елементи, бидејќи живеат во тој свет на агресија што постои на социјалните мрежи. Тоа мора да запре – вели Флорита Ерновска, професорка по македонски јазик во средното стручно училиште „Здравко Цветковски“.