Министерката за финансии Нина Ангеловска е една од седумте жени претприемачи во светот, избрана за „жена-амбасадор на е-трговијата“ од страна на Обединетите нации (ОН). Во рамки на 74-то Генерално Собрание на ОН, кое се одржува од 23 до 26 септември во Њујорк, Ангеловска ќе биде промовирана како една од првите „жени-амбасадори на е-трговија“.
Станува збор за исклучително и уникатно признание кое го доделува телото на ОН за трговија, инвестиции и развој УНКТАД (Конференција на ОН за трговија и развој), во рамки на иницијативата „Е-трговија за сите“.
„Жените-амбасадори на е-трговија“ ќе им се придружат на светските лидери во разгледувањето на досегашните резултати од имплементацијата на Агендата 2030 – Цели за одржлив развој на Обединетите нации и ќе дискутираат за унапредување на оваа агенда.
Од УНКТАД иницијативата – „Е-трговија за сите“, истакнуваат дека „супер седумката“ е избрана со цел да се поттикнат и инспирираат жените во светот да преземат иницијативи и да ги искористат предностите кои ги носи глобалната дигитална економија, која е во постојан развој.
„За забрзување на економскиот раст и намалувањето на сиромаштијата во земјите во развој, потребно е да се искористи позитивното влијание на дигиталната технологија во комбинација со трансформативната моќ на претприемништвото кај жените“, се вели во објавата на УНКТАД.
Покрај министерката Ангеловска, која ова признание го добива како ко-основачка на Гроупер.мк, првата дигитална платформа за е-трговија од овој тип во Република Северна Македонија, останатите избрани „амбасадорки на е-трговија“ се: Ксиаофеи Јао од Кина, основачка и извршна директорка на Рогранд, Клаудија де Хередиа од Мексико ко-основачка и оперативна директорка на Кичник, Хелианти Хилман од Индонезија, основачка и извршна директорка на Јавара, Назанин Данешвар од Иран, основачка и извршна директорка на Такхфифан и Кларис Ирибагица од Руанда, основачка и извршна директорка на „ДМ.ХеХе“.