Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците што не стојат во ладилник, како што се мајонез, кечап, крем-салати, сосови и преливи
За да се спречи труење со храна во летните месеци, кога температурите се високи, таа мора да се одбере и купи внимателно, да се транспортира и чува соодветно во домот. Одговорните во Агенцијата за храна и ветеринарство предупредуваат дека летото е идеално за зголемување на труењата со храна.
– При купувањето треба да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната, да се купува храна од проверени места, каде што има услови и каде што производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, се чуваат во фрижидери. Особено во услови на високи температури да се избегнуваат купување и консумирање храна со оштетена амбалажа (згмечена, надуена или пукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна, како што се месото, млекото јајцата и друго, да не се чува долго време во автомобили и во други транспортни средства. Да се одбегнува купување храна што се чува надвор од ладилник или замрзнувач – порачуваат оттаму.
За да се спречи расипување, разладената храна треба да се чува на температура пониска од 5 Целзиусови степени, а храната што треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени.
– Овошјето и зеленчукот пред да се јадат, треба темелно да се измијат под млаз вода, а месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Доколку по приготвувањето храната не се консумира веднаш, таа треба да се чува во фрижидер до времето на сервирање. За да се спречи појава на труење со храна и на стомачни инфекции, неопходно е рацете да се мијат повеќепати во текот на приготвувањето. На најгорните полици во фрижидерот треба да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Исто така треба да се води сметка храната да се заштити од инсекти и глодачи, кои може да ја контаминираат. Да се внимава домашните миленичиња и другите животни да не дојдат во контакт со храната што се приготвува. Кога станува збор за консумирање храна во угостителските објекти, треба да се води сметка тоа да бидат оператори што водат сметка за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците што не стојат во ладилник, како што се мајонез, кечап, крем-салати, сосови, преливи и слично – велат во Агенцијата.
Неправилното чување на месото налето може да предизвика појава на слуз, односно ако месото што е контаминирано со бактерии почнува да гние. Професорот експерт за месо Златко Пејковски предупреди дека мора да се внимава на добри хигиенски практики во месарниците, за да се избегнат болести.
– И во големите маркети може да се забележи една лоша практика на виткање на месото во проѕирен најлон за намалување на загубата во неговата маса при чувањето. Но тоа создава влага, се појавува задушлива миризба на расипано, доаѓа до слузавост и гниење зашто нема воздух. Оваа практика месарите треба да ја напуштат – предупреди Пејковски.