ДОГОВОРИТЕ ЗА ДОБРОСОСЕДСТВО И МОЖНИТЕ ШТЕТИ ВРЗ МАКЕДОНИЈА ГО РАЗБУДИЈА МАНУ
Некои од академиците, односно членовите на Одделението за лингвистика и литература во МАНУ, имаат подготвено писмо во кое го изразуваат својот став за сите актуелни политички прашања што се одразуваат на македонскиот национален идентитет, историјата и јазикот, и кое планираат наскоро да го објават јавно. Писмото ќе биде израз на нашиот политички патриотизам, и во него ја изразуваме нашата загриженост
за штетите што политичките процеси засновани на договорите со соседите му го
нанесуваат на македонскиот национален идентитет, велат потписниците
Институцијата МАНУ, највисока научна и образовна институција во Македонија, и самата зафатена од промените во духот на Преспанскиот договор, и понатаму не се јавува со официјален став за многу контроверзни случувања и прашања што речиси секојдневно се отвораат во македонското општество и политиката, а за кои академијата би требало да заземе став со научните аргументи, кои ги има истражено, докажано и со кои оперира. Јавноста го очекува тоа, особено за темите отворени со усогласувањето на историјата со соседите, предвидени со Преспанскиот договор со Грција и договорот за добрососедство со Бугарија, како и за прашањето за заштита на македонскиот национален идентитет. И понатаму се чини дека МАНУ повеќе сака да стои настрана од политичките прашања, кои се движат во насока на редефинирање на македонскиот национален и историски идентитет. Сепак, по интервјуата на премиерот Заев за грчки и бугарски медиуми, во кои тој меѓу другото кажува дека „Македонците краделе светска, балканска и туѓа историја“ и дека членовите на македонскиот дел на образовно-историската комисија „треба да имаат предвид дека е потпишан договор за добрососедство со Бугарија според кој споделуваме заедничка историја“, јавноста и дел од научната заедница бурно реагира, при што со свои издвоени мислења се огласија и членови на МАНУ. Така, со издвоени, индивидуални ставови во јавноста реагираа академиците Катица Ќулавкова и Божин Павловски, кои апелираа до премиерот да размислува пред да зборува за историјата и дека со своите изјави ѝ нанесува штета на Македонија.
– Не знам дали премиерот на Р Македонија има слушнато за „македонското прашање“, ама ако слушнал ќе требаше истото тоа да го има предвид пред да даде каква било изјава за македонската историја, нација и идентитет… Македонија е жртва на украдена и девастирана културна и национална историја, а не субјект на негаторски и присвојувачки политики. Самонегацијата е екстремно опасна политичка игра, рамна на велепредавство. Престанете да ѝ нанесувате штета на Македонија – пишува во своето обраќање на социјалните мрежи академик Ќулавкова.
Во времето на референдумската кампања за прифаќање на Преспанскиот договор, пред 30 септември 2018 година, во МАНУ се одржа научна конференција, по која првите академици, Таки Фити и Владо Камбовски, кажаа дека академијата „еволуирала во своите ставови“ прифаќајќи ги одредбите од договорот со Грција. Слаб и речиси незабележителен беше и отпорот кога беше донесена одлуката на Владата, МАНУ да се преименува во Академија на науките и уметностите на Северна Македонија… Неколкуте академици што индивидуално ги искажуваат своите ставови во јавноста, се чини не можат да наметнат дебата во МАНУ, од која би произлегол официјален став за актуелните историско-политички прашања, за кои академијата би се изјаснила со научни аргументи. Сепак, некои од академиците, односно членовите на Одделението за лингвистика и литература во МАНУ, имаат подготвено писмо во кое го изразуваат својот став за сите актуелни политички прашања што се одразуваат на македонскиот национален идентитет, историјата и јазикот, кое планираат наскоро да го објават во јавност.
– Една група академици, всушност сите членови на Одделението за лингвистика и литература подготвија едно обраќање до јавноста во кое ја изразуваат загриженоста од пасивниот однос во поглед на штетите што политичките процеси засновани на договорите со соседите му го нанесуваат на македонскиот национален идентитет. Верувам дека до крајот на седмицава ќе го објавиме во јавноста нашиот став, т.е. сакаме да добиеме поголема поддршка од другите академици што ќе го потпишат писмото. Писмото ќе биде испратено и до телата на академијата, како и до јавноста. Ова писмо е израз на нашиот политички патриотизам и сметаме дека во овој миг и така треба да реагираме. МАНУ е пред сѐ научна институција и сметам дека вистинскиот патриотизам се покажува со достигнувања и афирмација на научен план, но актуелните состојби во Македонија не дозволуваат политичка пасивност. Ставот што ќе го објавиме е личен став на група академици. МАНУ не е политичка партија и не мора да имаме сите исти ставови, но имаме право да ги искажеме – вели академик Витомир Митевски, генерален секретар на Одделот за лингвистика и литература на МАНУ.
Неофицијално, во јавноста има информации дека повеќе академици ќе го поддржат ставот во писмото на Одделението за лингвистика и литература на МАНУ, за разлика од предреферендумската дебата за промена на името на државата, кога само мал број академици се спротивставија на ударите врз македонскиот идентитет.