Асоцијацијата за заштита на Националните печатени медиуми (АЗНМП) најостро го осудува однесувањето на Турската амбасада во Република Македонија против весникот Заман.
– Барањето за укинување на добиената помош од Владата на Македонија кон весникот Заман е непримерно во демократскиот свет и е директен удар кон слободата на медиумите во нашата држава – се вели во реакцијата од АЗНМП.
Според нив, обвинувањата за наводна поврзаност на Заман-Македонија со некоја терористичка организација, не можат да бидат повод за нивно јавно линчување, сѐ додека истите не се докажат пред судовите во Македонија.
– АЗНМП со жалење ја прими и одлуката на весникот Заман да се откаже од добиените средства од владата, кои беа доделени вкупно на 11 весници во рамките на владината програма за помагање на сите печатени медиуми во Македонија. Ги уверуваме нашите колеги од Заман дека АЗНМП ќе застане цврсто во одбрана на нивното демократско право за непречено информирање – се вели во реакцијата на АЗНМП.
Тие бараат од сите домашни и странски институции, најостро да го осудат ова однесување на Турската амбасада.