Не е само општина Битола која се соочува со проблеми и со долгови во областа на образованието, има и други општини. Формирана е и работна група во рамки на Владата, во која и јас членувам. Преземаме активности долговите да се подмират, но се уште немаме конечен резултат. Ова денеска го изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми по пуштањето во употреба на две фотолволтаични централи на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје (ФЕИТ).
– Во овој момент најважно е да се потенцира дека ние сме во редовна комуникација со ЗЕЛС и со градоначалниците каде има долгови во делот на образованието, а ги има повеќе. Ние ќе ги преземеме сите обврски кои ни следат како ресорно министерство, рече Адеми одговарајќи на новинарско прашање за битолските училишта кои се без струја. Додаде дека разговараат и со ЕВН Македонија.
Министерот Адеми информира дека пред еден месец имале работна средба со градоначачалникот на Битола Наташа Петровска и оти заедно иницирале состанок во рамки на Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија – ЗЕЛС.
Министерот за образование и наука информира дека е во тек тендерот за набавка на мебел за ученичките и студентските домови и за училиштата кои веќе се определени во јавната набавка. Постапката е во тек и, како што рече, привршуваат инвестициските работи за ученичкиот дом „Гоце Делчев“.
Прашан за верскиот обред и приватна прослава кои се одржале во училиште во општина Гази Баба, министерот Адеми рече дека не дале одобрение и оти за случајот се информирале преку медиумите.
– Образовните институции не можат да служат и за приватни забави. Ќе ги преземеме сите мерки кои се во наша надлежност, рече Адеми. Посочи дека откако ќе се утврди реалната состојба, дали имало согласност, дозвола или каков било акт од некого потоа ќе ја известат јавноста.
Одговарајќи на новинарски прашање за учебниците, печатниците и издавачите, како и за подготвителните активности кои ги преземале во пресрет на новата учебна година, Адеми најави дека наскоро ќе одржи тематска прес-конференција.