Во септември треба да завршат градежните работи од реконструкцијата на блоковите В и Г на Студентскиот дом „Гоце Делчев“, а во август ќе почне набавка на нов мебел за 18 ученички домови во вредност од 50 милиони денари, соопшти денеска министерот за образование и наука Арбер Адеми на прес-конференција за капиталните инвестиции во образованието.
– Во академската 2018/2019 година очекуваме да завршат градежните работи на блоковите В и Г во Студентскиот дом „Гоце Делчев“. Тие почнаа во мај 2017 и, според утврдените рокови, очекуваме да завршат во септември оваа година. На почеток на август ќе почне постапка за набавка на нов мебел за потребите на 18 ученички домови во вредност од 50 милиони денари, што ќе опфати нови кревети, маси, столови, душеци, полици, гардеробери итн. со што учениците ќе имаат подостоинствени услови за сместување и учење, рече Адеми.
Нагласи дека подобрувањето на условите во домовите за ученици и студенти е од особено значење зашто во ученичките домови во 2017/2018 имало околу 2400 ученици, а во студентските домови – над 5500 студенти. Министерството за образование и наука, рече Адеми, годишно учествува со околу 180 милиони денари за сместување и храна на ученици и со 200 милиони денари за студентите. Во тие износи не влегуваат стипендиите на МОН – околу 40 милиони денари за ученици и околу 400 милиони денари за стипендии во разни категории за студенти.
Адеми на прес-конференцијата информираше за јавни набавки за реконструкции или изградба на нови училишни објекти за основни и средни училишта, кои се објавени на Електронскиот систем за јавни набавки.
Соопшти дека потпишал јавна набавка за почеток или нова фаза од реконструкциии (фасади, пристапни патеки, замена на столарија и подови и електрична инсталација, воведување систем на греење и енергетска ефикасност, покривни конструкции, санитарни јазли…) за седум училишни објекти, со вкупна проценета вредност на набавката од 77.888.000 денари.
Со неа се опфатени училишните објекти за кои МОН позитивно одговорило на барањата и веќе има изготвено техничка документација: ПОУ „Димката Ангелов-Габерот“ во село Прждево во Демир Капија; „ПОУ „Јосип Броз Тито“ во село Радожда во Струга; ОУ „Единство“ во струшкото село Октиси; ОУ „Васил Главинов“ во Чаир; Ученички дом на средното земјоделско училиште „Кочо Рацин“ во Свети Николе; СОУ „Гошо Викентиев“ во Кочани и СОУ „Гостивар“ во Гостивар.
Објавена е и повеќегодишна јавна набвака за изградба на нов училишен објект во општина Студеничани. Планирани и обезбедени се вкупно 55.460.000 денари во три фискални години – 2018, 2019 и 2020, а ќе бидат обезбедени просторни услови за 300 ученици.
Комисијата за јавни набавки на МОН, како што рече Адеми, пристапила кон евалуација на понудите од јавните набавки за техничка документација и ревизија за објектот на ПОУ „11 Октомври“ во Ново Село во општина Боговиње кој целосно изгоре во пожар во октомври минатата година. По изработка на техничката документација, рече Адеми, ќе следува објава на јавна набавка за реализација на градежни работи со цел да се стави во функција училишниот објект, каде настава треба да следат околу 210 ученици од прво до деветто одделение.
Министерот информираше и за училишни спортски сали – од септември нови ќе имаат учениците од СОУ „Перо Наков“ во кумановско Бедиње, ОУ „Тодор Хаџи Тефов“ во Кавадарци, ОУ „Мусатафа Ататурк“ во Гостивар и ОУ „Сабедин Бајрами“ во село Камењане во општина Боговиње. Продолжуваат градежните работи за спортски сали во Чашка, Јосифово, Черкези, Лабуништа, Шипковица. За нив се обезбедени пари и се очекува да бидат готови за наредната учебна година.