Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски информираа дека нов директор на Агенцијата за разузнавање на Македонија ќе биде Еролд Муслиу.
Муслиу во изминатите неколку години работи токму во оваа агенција, а претходно работел и во Управата за безбедност и контраразузнавање. Тој доаѓа на местото на Зоран Иванов, кој во март 2017 година со одлука на поранешниот претседател Ѓорге Иванов стана директор на Агенцијата за разузнавање.
Во склоп на промената на кадрите со преземањето на претседателската фотелја, Пендаровски во следните неколку дена ќе постави и нови членови во националниот Совет за безбедност, кој го сочинуваат претседателот на државата и Собранието, премиерот, како и министрите кои раководат со органите на државната управа од секторот за безбедност, обрана и надворешни работи. Дополнително, ќе бидат назначени и тројца нови членови од претседателот на Македонија.