Архимандритот на Вселенската патријаршија од црквата на Крит, Роман Анастасијадис, вели дека доколку Српската црква не соработува, Вселенската патријаршија, како прв престол на православието и мајка црква на Балканот, можеби ќе треба да ги искористи своите канонски и историски прерогативи за единството на црквата. Дали Охридската архиепископија е следна за признавање
Станува ли прашањето за автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија атрактивно и актуелно за грчката црковна јавност, но и воопшто за целото православие? Оваа дилема се наметнува, откако во грчките медиуми изминатиот период веќе се објавени неколку статии, кои се однесуваат на македонското црковно прашање. Последната таква статија е анализата на архимандритот на Вселенската патријаршија од црквата на Крит, Роман Анастасијадис, кој во насловот на статијата го поставува прашањето дали автокефалноста на Охридската архиепископија е следна за признавање. Интересно е да се забележи дека сите овие статии имаа позитивна наклонетост кон нашата црква и кон нејзиното прашање, нешто што не било случај досега кога станува збор за грчката медиумска јавност.
Архимандритот Роман прави историска анализа на МПЦ, во која посочува дека
Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) е независна црква со седиште во Скопје, Северна Македонија.
– Формирана е како поделба од Српската православна црква во 1967 година. Иако МПЦ-ОА не е во заедница со ниту една од петнаесетте автокефални православни цркви, сепак, во неа се случуваат свештенички свечености – посочува архимандритот.
Ги посочува и последните случувања со посетата на македонската делегација во седиштето на Вселенската патријаршија, а ја изложува и одлуката на патријархот Вартоломеј да посредува и да ги седне на маса Српската црква и МПЦ.
Сепак, архимандритот Роман вели дека клучното прашање во целата ситуација е дали Српската православна црква ќе ја прифати поканата од вселенскиот патријарх.
– Голем број македонски архијереи, меѓу кои и архиепископот Стефан, изразија благодарност кон Вселенската патријаршија и се надеваат дека ќе ја вратат канонската автокефалност. Со доделувањето автокефалност на Православната црква на Украина и неодамнешните случувања во Црна Гора, Србите не се на главната маса. Доколку не соработуваат, Вселенската патријаршија, како прв престол на православието и мајка црква на Балканот, можеби ќе треба да ги искористи своите канонски и историски прерогативи за единството на црквата. Дали Охридската архиепископија е следна за признавање – посочува архимандритот.
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека со тоа што се поставува централното прашање дали Охридската архиепископија е следна, сигурно дека е охрабрувачки за нашите црковни интереси.
– Сево ова го доживувам како создавање атмосфера и амбиент за големата одлука што Вселенската патријаршија би ја донела. Уште повеќе и од причина што се споделува од клерик на Вселенската патријаршија и што е доста индикативно. Искуството нѐ учи дека ваквите најави на крајот често се остваруваат. Да се надеваме дека така ќе биде и во нашиот случај – посочува Ѓорѓевски.
Инаку, вселенскиот патријарх пред половина месец, по посетата на македонската делегација во седиштето на Вселенската патријаршија, одлучи да се поканат претставници од Српската православна црква и од МПЦ-ОА, во насока на советување и обид за наоѓање заеднички прифатливо решение меѓу двете страни.
Засега во Македонија само доскорешниот премиер Зоран Заев имаше иницијатива за поддршка, со писмото што го испрати до вселенскиот патријарх и во кое побара решавање на статусот на МПЦ-ОА.
Првичните прогнози на македонската експертска јавност се дека македонското црковно прашање станува дел од приоритетите на Вселенската патријаршија и во периодот што следува треба да се очекуваат многу поконкретни чекори за решавање на овој повеќедецениски проблем во православието.