Фото: Маја Јаневска-Илиева

Некои одговори на поставените прашања на барателите, кои јавно демонстрираа потреба од заживување неуставни правни акти

Уставот на Македонија предвидува македонскиот јазик и неговото кирилско писмо да се службени на целата територија. Друг јазик (како албанскиот) може да биде службен ако го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните. Законот за јазиците оди подалеку од оваа уставна норма, бидејќи го проширува користењето на албанскиот јазик речиси во сите државни институции и го прави фактички втор службен јазик на целата територија, што не е експлицитно предвидено во Уставот. За потсетување, Законот предвидува двојазичност во судството, администрацијата, полицијата, па дури и на банкноти и униформи. Тоа создава обврска за целосна двојазичност. Но, сега следува едно големо формалноправно „НО“!

Но, Уставот дозволува ограничена службена употреба. Со споменатиот Закон за кој се залагаат оние што протестираат се менува утврдената уставна рамка без формална уставна измена!

1. Членот 7 од Уставот на Македонија наспроти Законот за јазиците

1. Устав – член 7 (клучни точки):
• Македонскиот јазик е службен на целата територија
• Друг јазик што го зборуваат ≥20 отсто од граѓаните: исто така е службен, но според услови утврдени со закон (кој мора да е во согласност со уставната норма!)

А Законот за јазиците (2018) вели:
• Албанскиот јазик се користи во сите органи на државната власт
• Задолжително во комуникација со институции
• Присутен на банкноти, униформи, табли итн.

Од ова произлегува дека македонскиот Устав прави силна дистинкција помеѓу македонскиот јазик, кој е уставно универзално службен, наспроти друг јазик (во случајов албанскиот јазик), кој е условно службен. И тука нема никаква дилема за тоа што предвидува Уставот. Од друга страна, Законот за употреба на јазиците ја брише таа разлика во пракса и создава де факто двојазичност на целата територија!
Ноторен факт е дека Законот за јазиците самостојно, излегувајќи од рамките на Уставот, го „надградува“ Уставот до степен на скриена уставна измена!
2. Членот 8 од Уставот (темелни вредности) наспроти Законот за употреба на јазиците
Членот 8 од Уставот вели дека темелни вредности на уставниот поредок на Р Македонија се владеење на правото, поделба на власта, правна сигурност итн. Наспроти ова, Законот за употреба на јазиците создава правна нејасност (обврски за превод, двојни постапки), па дури и институциите не можат реално да го применуваат целосно.

3. Членот 51 (хиерархија на правото)

Членот 51од Уставот вели дека во Р Македонија „…законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите“.

Според тоа, ако Уставот НЕ предвидува целосна двојазичност, а Законот за јазиците ја воведува, тогаш Законот за јазиците е ultra vires (надвор од уставната рамка)!

Сумирани индикатори за противуставност

Македонскиот Устав пропишува дека судските постапки се водат според закон и не пропишува целосна двојазичност. Спротивно на Уставот, Законот за употреба на јазиците воведува задолжителен превод и двојазични постапки?! Тоа е далеку надвор од пропишаната уставна рамка!

Постојат и други индикатори за противправноста на Законот за јазиците. Имено, тоа се лоцира во законодавна постапка и кршење на процедурата при носење на Законот. За потсетување, Законот за употреба на јазиците беше донесен без доволна дебата и со спорна процедура, што апсолутно значи и формална неуставност!
Според нашите соговорници, сумирани индикатори за противуставност се членот 7 од Уставот, кој прави уставна асиметрија меѓу јазиците, а од друга страна Законот за јазиците неуставно создава симетрија (де факто еднаквост). Тоа е надминување на уставната рамка и со тоа се крши членот 51. Има и мноштво други аргументи за противуставност на Законот, и тоа не само во содржинскиот дел туку и во формата и непочитуваните процедури. Основи на противуставност има многу, но во случајов единствен валиден одговор засега се гледа да биде добиен од одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, велат нашите соговорници. Н.М.