Православните верници од денеска, па до 24 април годинава ќе постат, со што ќе се подготват за најголемиот празник во христијанството, Воскресението Христово – Велигден.
Велигденскиот пост трае 48 дена, или 7 недели, почнувајќи од денот после Прочка, па до Велигден. Според теолозите, велигденскиот пост е најстрогата форма на постење, што значи телесно и духовно воздржување, воздржување од мрсна храна и од гревови.
Храната во постот е доминантно од растително потекло. Иако, само во сабота и недела е дозволена храна со масло (зејтин), а во другите денови без масло. Сепак, има и ублажување на постот, кога е тоа потребно. Ако е човекот болен, слаб и немоќен, може да добие благослов, да пости со зејтин, млеко и риба. Тоа се однесува и на малите деца до 7 години, но и на оние во длабоката старост, како и за луѓето во посебни услови и состојби, како што се болестите, затворите, армијата, војните, бремените, леунките, доилките, патниците и сл.
Во таквите случаи постот може да се ублажи. Благословот за тоа се добива од свештеникот.
Отец Бобан Митевски, свештеник од скопска епархија го посочува значењето на постот во православието, но и објаснува од кога воопшто постои чинот на постење.
– Постот претставува духовно патување, исполнето со предизвици, чие надминување, преку духовната борба и средствата кои ни ги нуди Бог во црквата, треба да придонесе до наше духовно растење. Крајната цел на овој пост е Воскресението – Празникот над празниците. Значи, се подготвуваме духовно, преку смирение и воздржание, воедно и преку уникатните богослуженија што Црквата ни ги нуди во овој период, за да суштински ја сфатиме и живееме смислата на Велигден како „умртвување на смртта, разорување на Адот, почеток на вечниот живот”, како „исполнување на Пасхата како вистинско откровение” – вели отец Митевски.
Според него, постот бил зададен на исполнување и послушание уште во Рајот.
– Бог им заповеда на првите луѓе, Адам и Ева, дека може да се користат со сѐ во рајската градина, освен да јадат од дрвото за познавање на доброто и злото. Така им зададе послушание, кое преку исполнувањето требаше да ги научи и на воздржание. Иако тие беа до тој момент без грев, сепак нивната волја требаше да се насочува кон својата вистинска смисла – заедницата со Бога. И ние денес постиме затоа, од послушание и заради воздржание. Постот ја тренира нашата волја преку воздржанието за да одолева на искушенијата и да се стреми кон Бога – заклучува отецот.
Овој пост нема свој постојан датум, туку зависи од определениот датум на Велигден. Тој е негова претходница и подготовка.
Првата недела на постот се вика недела на православието.
Втората е недела на свети Григориј Палама.
Третата е крстопоклона – недела на Чесниот Крст, кога верниците се поклонуваат и го целиваат изнесениот крст на богослужбата.
Четвртата е на свети Јован Лествичник и во неа се преминува средината на постот.
Петтата е на света Марија Египќанка.
Шестата седмица е цветна (Цветници), наречена така според цвеќето и зелените гранчиња што ги фрлале децата и луѓето пред Христа при неговото влегување во Ерусалим.
Седмата е последна седмица пред Велигден, наречена страдална, страсна или велика недела. Тогаш веќе се најавува приближувањето на Велигден. Деновите во таа седмица се именуваат како Велики, од Велики понеделник, до Велика сабота.
Секој ден е поврзан со настаните од последните дни на Исус Христос.
Особено се значајни последните три дена: Велики четврток, кога бил фатен по Тајната вечера. Велики петок, кога бил суден, тепан, мачен, распнат, умрел и бил погребен. Единствено тогаш пред луѓето се изнесува плаштеницата со која било обвиткано и погребано Христовото тело.
Велика сабота е последниот ден и последната подготовка за празникот над празниците, а Христос е во гробот од каде што ќе воскресне.
Велигден е празник на воскресението и на животот, премин од привременото во вечното живеење.