Фото: Пиксабеј

За да го учат со интерес и леснотија, средношколците треба да се запознаат со латинскиот јазик, кој, освен академски, е и јазик на природните и здравствени науки, на правото… Неговото учење придонесува за подобра писменост и способност за читање и разбирање на учениците, за разбирање на културното наследство, но и културата… Професорите предлагаат изучувањето на латински во гимназија да биде задолжително . Предлозите стасаа во рамки на расправата за нацрт-концепцијата за реформи во гимназиското обрзование, која предизвика бура од предлози и идеи

„Со нетрпение очекував да дојде среда кога имаме часови по Латински јазик“, „Освен што учевме за латинскиот, научивме многу работи за животот“… Ова се само два од коментарите на средношколци на анонимна анкета, која на крајот на секоја учебна година ја прави гимназиската професорка по Латински јазик и Старогрчки јазик, Моника Силјановска. За да го учат со интерес и леснотија, средношколците прво треба да се запознаат со јазикот, кој, освен академски, е и јазик на природните и здравствени науки, на правото… Затоа, професорите предлагаат изучувањето на латинскиот јазик во гимназија да биде задолжително.
Предлозите стасаа во рамки на расправата за нацрт-концепцијата за реформи во гимназиското обрзование, која ја подготвија Министерство за образование и наука и Бирото за развој на образованието.
Зошто е битно изучувањето на латинскиот јазик?

Умот во состојба како да решава сложени математички задачи

– Латинскиот јазик е гимназискиот матрикс. Часовите по латински јазик се виртуелно патување на изворот на културолошкиот идентитет на европскиот човек. На часовите по латински јазик учениците престојуваат во свет во кој стануваат сожители на Кикерон, на Кајсар, на Хоратиј, на Сапфо, на Платон, на Аристотел, на Анаксимандар, на Питагора… Замислете го тој хронотоп што ги обединува сите овие раскошни умови во едно, и нашите ученици таму, заедно со нив. Нема веќе да зборувам само за практичната примена на знаењата, за интердисциплинарноста на овој предмет, за аналитичкото и синтетичко мислење што, додека ги учиме тие совршено устроени граматички конструкции, умот цело време е во состојба како да решава сложени математички задачи; сево ова е во полза на умот; но, она што во современието брзо се заборава е дека, освен ум, човекот има и душа… Сократ во делото „Гозба“ од Платон, преведено на македонски јазик од проф. д-р Елена Колева, вели: „Добро би било, Агатоне, да беше такво нешто мудроста, така што – да ни тече од тој што е преполн во попразниот од нас, додека се допираме меѓусебно, како што тече вода во бокалите процедена низ волнена цедилка, а тече од пополна чаша во попразна…“ – објаснува Силјановска.

Еден од одговорите на анкетираните ученици

– Изучувањето на латинскиот јазик ми овозможи подлабоко разбирање на јазичните структури, историските текстови и културните основи на западната цивилизација. Преку латинскиот, добив пристап до класичната литература, правната терминологија и корените на многу современи европски јазици. Во четврта година, знаењето за античката филозофија, кое го стекнуваме и по предметот Филозофија, станува подефинирано, овозможувајќи ни подлабоко да навлеземе во идеите на мислителите како Платон, Аристотел и Кикерон. Оваа филозофска позадина го подобрува нашето критичко размислување и аналитичките вештини, кои се вредни и надвор од учењето на самиот јазик – вели Катерина Димовска, ученичка во четврта година во гимназијата „Никола Карев“.

„Потребно е современиот човек да биде сестрано образован“

МОН и БРО неодамна ги повикаа сите наставници, ученици, родители, експерти и заинтересирани страни со свои мислења, предлози и забелешки да се вклучат во јавната дискусија за нацрт-концепцијата за реформи во гимназиското образование.
Досега свое мислење и предлози дадоа повеќе припадници на образовната фела. Кога станува збор за часовите по Латински јазик Здружението на класични филолози на Македонија „Антика“ предлага предметот Латински јазик да добие статус на задолжителен предмет во прва и втора година со почетно изучување во гимназиското образование со два часа неделен фонд, како и воведување на предметот Класична култура и класични јазици во трета и четврта година гимназиско образование. Оттаму објаснија дека во нацрт-концепцијата статусот на предметот Латински јазик преминува исклучиво во изборен, што треба да се промени.

Зошто латинскиот јазик е неопходно да биде задолжителен предмет во средното гимназиско образование разговаравме и со проф. д-р Елена Џукеска, раководителка на Институтот за класични студии.

– Средното гимназиско образование е пред сè подготовка на учениците за натамошно академско и професионално усовршување. Целите на овој вид образование не може да бидат исти како кај средното стручно училиште. И во таа смисла гимназијата треба да им понуди можност на децата да стекнат компетенции и знаења од доволно широк опсег на области и да ги развијат подеднакво сите вештини без кои студирањето не е возможно без разлика на конкретната научна област. Децата многу често конечниот избор за својата понатамошна кариера го прават дури на крајот на гимназиското образование. Па се случува и да одберат да се запишат на медицина или фармација или ветерина, иако не посетувале соодветно стручно училиште. И обратно, можеби посетувале средно стручно, а ќе одлучат да студираат или работат нешто друго. Освен тоа, глобализацијата и денешниот брз развој на дигиталната технологија што преку ноќ ги менува условите на пазарот на трудот наложува секој да има поширок опсег на знаења и компетенции за да може побрзо и поефиктивно да се преквалификува доколку има потреба. Така што денес повеќе од кога и да било порано е потребно современиот човек да биде сестрано образован – вели проф Џукеска.

Латински за подобар напредок

Од друга страна, објаснува таа, светските трендови се во насока природно-математичките и општествено-хуманистичките науки сè повеќе да соработуваат меѓусебно применувајќи ги најновите достигнувања на технологијата.

– Перцепцијата дека латинскиот јазик, како јазик на стариот Рим е мртов јазик и со тоа непотребен за модерното образование е целосна заблуда. Вистината е дека латинскиот јазик и денес е академски јазик. Тој има статус на службен јазик пред сè за природните и здравствените науки. Учебниците по биологија, анатомија, хемија се преполни со термини на латински јазик, коишто мора да се запамтат буквално. Дополнително во фармацијата, медицината, ветерината латинскиот е и јазик на комуникација. Рецептите и дијагнозите се пишуваат на латински јазик. Улогата на латинскиот јазик не е помала ниту во правото каде што основната терминологија потекнува од римското право и е на латински, но и во и сите останати науки. Стручната терминологија традиционално се црпи од латинскиот и посредно грчкиот јазик заради улогата што ја имал латинскиот јазик во европското образование и во вековите по падот на Рим – објаснува професорката.

Докажано е, вели таа, дека децата многу подобро напредуваат по сите предмети ако се изложени и на учење латински, дури и на најелементарно ниво.
Македонскиот јазик, како и сите други европски јазици, има инкорпорирано (уште еден латинизам!) огромен број на латинизми во својот вокабулар.

– Оттаму учењето латински придонесува за подобра писменост и способност за читање и разбирање на учениците. Учејќи латински децата ја развиваат и љубовта кон сопствениот јазик, но и љубовта кон книжевноста, затоа што се запознаваат со великаните на античката книжевност – вели проф. Џукеска.

За доброто на децата

Учењето латински, додава таа, е неразделно од запознавање со класичната култура, а таа е темел на европската цивилизација и култура.

– Демократија, политика, нација, република, театар, драма, музеј, библиотека, сенат, монета … тоа не се само странски зборови, туку концепти, што своите зачетоци ги имаат во античка Грција и Рим. Запознавањето на учениците со овие концепти преку автентични текстови и контексти на латински јазик и интерактивно е далеку поефикасен начин тие да го разберат нивното значење, отколку само со сувопарно повторување на апстракни дефиниции. Учењето латински е неопходно и заради разбирање на културното наследство, но и културата општо земено и за развивање на љубов кон културното наследство на Македонија. Оттаму може значително да помогне во развојот на културниот и националниот идентитет на учениците. Македонија има важно културно наследство од античниот и византискиот период. Не може да се разбере важноста на епиграфските споменици напишани на латински и грчки јазик ако не се разбере нивната содржина. Не можеме да си дозволиме да знаеме помалку за нашите споменици на културата од туристите на кои би сакале да им ги презентираме, а тие можеби доаѓаат од земји во кои латински се учи како задолжителен предмет и повеќе години. Рецепцијата на античката култура во модерната книжевност и другите форми на уметност е се присутна. Да не заборавиме дека и Македонија може да се пофали со великани како Григор Прличев, нашиот Хомер, што многу добро ја познавале класичната култура и создавале под нејзино влијание. Имајќи го предвид сето ова, Институтот за класични студии со години апелира латинскиот јазик да добие статус на задолжителен предмет, каков што впрочем и имал во минатото. Најмногу од сè за доброто на децата – додава професорката.


Забелешки и предлози за концепцијата од Институтот за класични студии

Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет, УКИМ, Скопје испрати забешеки за концепцијата концепцијата за средно гимназиско образование. Ги пренесуваме во целост

„Институтот за класични студии ја поздравува подготвеноста на Министерството за образование и наука и Бирото за образование да пристапи кон сеопфатни реформи во средното гимназиско образование. Потребата од вакви реформи е итна веќе години наназад, особено затоа што недостатоците на средното образование  најдиректно се одразуваат и на квалитетот на работата на високообразовните институции. Како единствена високообразовна и научна институција од областа на класичните студии во нашата држава, редовно и континуирано ги следиме состојбите во средното образование не само во нашата земја, туку и во странство, им даваме стручна поддршка на професорите што изведуваат настава по класични јазици (латински и старогрчки), соработуваме со Здружението „Антика“, работиме на развој на нови дидактички помагала за наставници и ученици, развиваме проекти кои се насочени кон унапредување на средното образование и оттаму сметаме дека е важно да се вклучиме во дискусијата за нова Концепција за гимназиско образование и да дадеме придонес.

Во поглед на Наставниот план нашите забелешки се насочени кон Статусот на предметите од општествено-хуманистичкото подрачје во целина и Статусот на предметот Латински јазик и класична култура, конкретно.

  1. Статусот на предметите од општествено-хуманистичкото подрачје

 На стр. 11 од Концепцијата се наведува „Концепцијата за гимназиското образование претставува основа за обезбедување квалитетно образование кое ги подготвува учениците за натамошно академско и професионално усовршување, како и за активно учество во општествениот живот.“ Ова е главната и најважната цел на гимназиското образование и се очекува наставниот план да биде во функција на нејзино остварување. Но, за жал во понатамошното елаборирање општествено-хуманистичките науки не се препознаваат како области во кои е важно да се стекнат знаења кои придонесуваат за развојот на интелектуалните способности кај учениците и кои се темел за продолжување на академски студии и сметаме дека ова треба да се поправи (стр. 11-12 од Концепцијата). Во наставниот план предметите од овие области немаат еднаков статус како и предметите од природно-математичките области. На стр. 24 од Концепцијата се образложува дека „Задолжителните предмети го истакнуваат општообразовниот карактер на гимназиското образование, обезбедувајќи знаења од различни области како темел за личен развој и продолжување на академски студии.“ Но, во планот повеќето понудени предмети од општествено-хуманистичкото подрачје се нудат само како изборни и само на почетно ниво на изучување, за разлика од предметите од природно-математичкото подрачје коишто се застапени во целост и имаат статус на задолжителни предмети во прва и втора година, а во трета и четврта година се нудат и како изборни за продлабочено изучување. Клучната реформа што се предлага во овој поглед, а која се сведува на промена на статусот на предмети како Философија, Социологија, Латински јазик или на целосно бришење на предмети како Логика, Етика, Педагогија никаде во Концепцијата не е образложено како придонесува за остварување на предвидените цели на средното гимназиско образование или пак како кореспондира со замислените стратегии за подобрување на квалитетот. Особено не е јасно како ваквата промена ќе придонесе за постигнување подобри резултати на учениците. Сакаме да истакнеме дека предметите коишто се засегнати со посочените промени се подеднакво важни за создавање на солидна основа за продолжување на академски студии и за личниот развој на учениците, како и предметите од природно-математичкото подрачје и децата не треба да бидат лишувани од можноста да ги следат на почетно ниво без разлика на нивните лични преференции. Преференциите на децата во таа возраст можат да бидат субјективни и подложни на чести промени и затоа сметаме дека наставниот план во оваа смисла треба да се преиспита.

  1. Статусот на предметот Латински јазик и класична култура.

Што се однесува до предметот Латински јазик и класична култура сметаме дека поврзувањето на латинскиот јазик со пошироката област класична култура е во согласност со светските трендови, но предложениот статус на овој предмет – изборен во трета и четврта година на почетно ниво на изучување во група со седум други предмети не е соодветен на неговата важност и улогата што треба да ја има во гимназиското образование.

Сметаме дека овој предмет треба да биде задолжителен предмет затоа што:

  • Латинскиот јазик им е потребен на учениците за да ги совладуваат полесно другите предмети, особено природните науки. Латинскиот јазик е јазик на науката, особено на природните науки каде што има своја посебна службена функција, како јазик на создавање на номенклатура (биологија, анатомија, хемија, фармација, медицина) и јазик на комуникација (фармација, медицина). Улогата на латинскиот јазик не е помала ниту во останатите науки, како правото каде што исто така има своја специфична функција, но и во сите останати науки коишто терминологијата традиционално ја црпат од латинскиот и грчкиот јазик. Истражувањата покажуваат дека учениците кои учат латински јазик полесно ги совладуваат другите наставни предмети и постигнуваат подобри севкупни резултати во учењето (Сп. Dimitrijević, D. (2019). Latin curricula, Attitudes and Achievement: An Empirical Investigation. Во: В. Димовска-Јањатова и Д. Тошева-Николовска, уред., Exegi monumentum aere perennius. Зборник во чест на Елена Колева, Љубинка Басотова и Даница Чадиковска, по повод 85 години од нивното раѓање. Систасис. Посебно издание 5, стр. 27 – 42).
  • Латинскиот јазик е особено полезен за учење на странските јазици. Ова е вака од една страна заради генетската поврзаност на латинскиот со повеќето европски јазици и заедничкото потекло од праиндоевропскиот јазик и од друга страна заради големиот број латинизми во вокабуларот на сите јазици, вклучително и во македонскиот јазик. Впечатлив е примерот на Данска каде што на учениците пред да се насочат кон изборните предмети им се нуди уводна програма со курс по општа лингвистика, во којашто се вклучени и задолжителни часови по латински јазик (R. Gottschalck and A. K. Jensen ‘Denmark’ in Teaching Classics Worldwide, Successes, Challenges and Developments, ed. S. Hunt and J. Bulwer, Bloomsbury Academic, 2025, p. 58).
  • Латинскиот јазик ја подобрува писменоста и способноста за изразување на мајчиниот јазик. Спознавањето на правилното значење на латинизмите во македонскиот јазик, коишто се зборови на науката, но и зборови од секојдневниот живот значително ја подобрува писменоста на учениците и го подобрува нивниот капацитет да се изразуваат усно, да пишуваат и да читаат. Секој ученик треба да биде оспособен да пишува, чита и да се изразува правилно и слободно без разлика дали понатаму во животот ќе одлучи да студира технички науки, природни науки, општествено-хуманистички науки или ќе се занимава со уметност.
  • Латинскиот јазик, во комбинација со класичната култура им помага на учениците да го разберат културното наследство и културата општо земено. Македонија има значајно културно наследство од хеленистичкиот период, при што голем број епиграфски споменици се напишани на латински јазик. Не помалку важна е и рецепцијата на класичната култура во епохите што следеле по антиката и во денешната современа култура. Учењето латински јазик може значително да помогне во развојот на културниот и националниот идентитет на учениците, во поттикнување на љубов и интерес за културното наследство со кое располага нашата држава и разбирање на нејзиниот мултикултурен характер. Особено може да помогне во примената на дидактички методи коишто се базираат на примена на културното наследство (heritage education), што во светот одамна се препознаени како особено ефективни затоа што овозможуваат на едноставен начин интеграција на сите начела и аспекти на модерното образование. (Elena Džukeska, “Heritage Education in North Macedonia and Classics: The Missing Link”, Systasis 39 (2021), 7-21, http://www.systasis.org/index.php/mk/).
  • Латинскиот јазик и класичната култура им овозможуваат на учениците да ги спознаат најважните елементи на европската култура. Европската култура и цивилизација се темели на класичната култура. Практично сите клучни концепти на нашиот современ живот: демократија, политика, економија, театар, драма, сенат, република, монета, музеј, библиотека, атом, енергија, ги имаат своите зачетоци во антиката. Запознавањето со овие концепти во автентичен контекст значително може да помогне во подготовка на младите луѓе за одговорно граѓанство.

Имајќи ги предвид сите овие аргументи, не е за изненадување што во земјите каде што учениците постигнуваат подобри постигнувања на ПИСА тестовите латинскиот јазик и класичната култура (комбинирано или поединечно) или имаат статус на задолжителен предмет или ако се достапни како изборен предмет се нудат на повеќе нивоа на изучување во курикулумите на гимназиското образование. Она што исто така треба да се забележи е дека во овие земји, а тоа е пракса и во земјите од нашето најблиско соседство, Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија се негува и традицијата на постоење Класична гимназија или Класична насока во општите гимназии и дека услов за упис на многу универзитети е познавање на латинскиот јазик. (Најнови детални податоци за застапеноста на класичните јазици и класичната култура може да се најдат во изданието Teaching Classics Worldwide, Successes, Challenges and Developments, ed. S. Hunt and J. Bulwer, Bloomsbury Academic, 2025; Институтот за класични студии има изработено Елаборат за оправданоста, потребата и расположивите капацитети за возобновување на класичната гимназија во Република Северна Македнија, Филозофски факултет, октомври 2020 и го има доставено до МОН).

Иако следењето на светските трендови, особено на подобро развиените земји е на прво место, сепак во креирањето на образовните политики мора да се земат предвид и спецификите на нашата земја и  реалните состојби. Би требало да се земе предвид и влијанието на трендот на намалување на бројот на учениците врз применливоста на концепцијата во поглед на изборноста и фактот дека нашите ученици во моментов имаат различна потреба од нивните врсници во другите земји во поглед на опсегот на  предмети што ќе имаат статус на задолжителни општо образовни предмети. Во таа смисла уште еднаш го истакнуваме следново:

Укажуваме дека концепцијата не е само наставниот план. Материјалите за учење е важно да бидат модернизирани, затоа сметаме дека треба да се предвиди доволно време за избработка на разновидни дидактички материјали на јазикот на којшто се изведува наставата. Треба да се обезбеди континуирана специјализирана стручна надградба и соодветни акредитирани обуки за наставниците, како и да се обезбеди трајно вработување за наставниот кадар што работи на определено време.

Сметаме дека наставниот план за да овозможи целосна реализација на поставените цели на Концепцијата нужно мора да претставува соодветен  баланс  помеѓу предметите од општествено-хуманистичките и природно-математичките науки и дека во таквиот план треба да има простор за изучување на Латинскиот јазик и класичната култура како задолжителен предмет. Сметаме исто така Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието треба да го разгледаат Елаборатот за класична гимназија и да ги земат предвид предностите што ги нуди овој вид на средно образование.“