Јане Сандански - Колоризација и обработка Дејан Јовески

Од историските архиви: 117 години од неуспешниот атентат врз македонскиот револуционер во Солун

  • Ликвидацијата на Јане Сандански требало да предизвика ослабување на чистата македонска национална групација. Одлуката за убиство на Јане била донесена уште во март 1908 година, а атентатот не бил случајно извршен еден ден пред одржувањето на закажаниот конгрес. Според проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, нарачатели на овој атентат, како и на другите посегања по животот на Сандански, биле бугарските фактори, поради тоа што тој бил голема пречка за бугарската политика кон Македонија, а бугарскиот прогон против Сандански бил неминовен

На 24 септември 1908 година, терористи инспирирани од бугарските шовинистички кругови се обидеа да го убијат великиот македонски револуционер Јане Сандански. Како директни извршители на атентатот во Солун се посочуваа неколку лица, меѓу кои и Тане Николов, Бугарин по потекло и под влијание на бугарската националистичка кауза. Бидејќи Сандански се пројавувал како најголем заштитник на македонската национална и политичка идеологија, тој стекнал голем број непријатели, особено во санстефанските бугарски кругови. Одредени лица најпрво започнале пропагандна хајка против Сандански обидувајќи се да го нарушат неговиот углед, но кога ова средство се покажало како неуспешно, била донесена одлука за негова ликвидација. Атентатот не бил успешен, а на 14 август 1909 година бил направен нов обид за убиство на Сандански. И овој атентат бил неуспешен, но Сандански поради својата јасна македонска идеологија сепак беше убиен на 22 април 1915 година кај месноста Блатата на патот од Рилскиот манастир за Неврокоп.

Сандански и неговите приврзаници не се чувствувале како Бугари!

Јане Сандански никогаш не беше идеолог на македонското револуционерно движење. Идеолози беа Ѓорче Петров и Гоце Делчев, кои ги поставија основните принципи на револуционерната борба, односно зачувување на македонскиот внатрешен карактер на движењето и оформувањето на Македонија како одделна држава. Но Јане се пројавува како најфанатичен приврзаник и заштитник на македонската слободарска идеологија. Поради упорното опстојување на македонските принципи, односно никакви компромиси и никакво колебање за македонската кауза, го спечалил името Арнаутин. Оттука Христо Константинов, истражувач на ликот и делото на Јане, вели дека тој бил достоен наследник на Гоце Делчев. Поради фанатичноста и искреност кон македонската кауза, Јане имаше многу непријатели, особено во бугарските националистички кругови, кои постојано се обидуваа да го дискредитираат со неосновани обвиненија дека е убиец, садист, предавник, измамник, турски шпион, социјалист или интернационалист.

Сите обиди за нарушување на угледот на Сандански во македонските средини биле неуспешни, тој не се поколебал во своето верују, а не ослабела и неговата волја за прогонување на македонските непријатели како што биле шпионите или странските агенти. Како македонски национален револуционер бил следен од бугарските државни служби, па оттука во извештајот на Второто политичко одделение при Министерството за надворешни работи на Бугарија од 1904 година се вели дека „Интернационалноста на Организацијата не ќе рече прекинување на сите врски и одрекување од нашата народност, како што проповедаат некои диви социјалисти од типот на Сандански и Чернопеев“. Според проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, ова е експлицитна потврда од официјално бугарско ниво дека Јане Сандански и неговите приврзаници не само што не се чувствувале за Бугари туку и дека проповедале одделување на Македонците од Бугарите.

Неколку релевантни историски извори исто така потврдуваат дека Јане Сандански имал многу јасни погледи за употребата на јазикот во идната македонска држава. Ова може да се осознае и од натписот на д-р Карло Блинд објавено во лондонскиот „Пал мал газете“ на 5 јули 1905 година. Блинд во својот текст пишува дека учените од „комитетот на Сандански создаваат граматика на македонски јазик како јазик на целата област“, како и дека новиот македонски јазик требало да ги истисне српскиот и бугарскиот јазик, кои се зборувале во Бугарија и Србија.

Кои настани му претходеа на атентатот?

Сандански до крајот на 1907 година веќе имал авторитет на прв раководител на Серскиот револуционерен округ, а наедно бил и еден од главните водачи македонската национална групација. Од извештаите на српските дипломатски претставници дознаваме дека влијанието на Јане се простирало во цела Источна Македонија, особено во Серскиот и Струмичкиот округ. Света Симиќ, српски дипломат, истакнува дека по двојното убиство во Софија, групата на Сандански осетно се засилила и во Македонија и во Бугарија. Според истиот извор, бугарската влада сакала да се ослободи од него, а таква желба пројавил и Фердинанд Први затоа што и самиот се плашел од зајакнувањето на една македонска струја.

Во јулските денови на 1908 година, приврзаниците на Сандански се легализирале и влегле во градовите каде што биле пречекани од младотурските комитети со свечени собири и масовно учество на населението. Сандански најпрво влегол во Неврокоп, каде што од балконот на општинската заграда одржал револуционерен говор пред околу 15.000 луѓе. На 15 јули 1908 година, тој со воз пристигнал во Солун, а на железничката станица бил пречекан од специјална младотурска делегација предводена од Енвер Беј. Следниот ден, на големиот митинг што се одржувал на плоштадот „Молос“, Јане одржал говор во кој ја нападнал султановата управа, а наедно повикал и на поголема политичка сплотеност на различните народности, предупредувајќи дека македонските револуционери нема да го положат оружјето сѐ додека слободата не биде зацврстена.

На 18 јули 1908 година, Сандански излегол со познатиот Манифест до сите народности во империјата. Манифестот бил лично потпишан и прочитан од Јане Сандански. Во него меѓу другото било истакнато: „Вие, кои сте дале толку скапи жртви пред олтарот на слободата, можете радосно да здивнете. Сега вие не сте сами – ете зошто и вашата борба станува полесна и понадежна. Со заедничките усилби на сите народи ние ќе ја извојуваме нашата слобода. Не подавајте им се на престапните агитации кои можеби ќе ги поведат официјалните власти во Бугарија против вашата заедничка борба со турскиот народ и неговата интелигенција којашто се стреми кон слобода“.

За активностите на македонскиот револуционер во овој период дознаваме и од написот објавен во османлискиот весник „Кери“ од 1 август 1908 година. На страниците на овој весник меѓу другото можеме да прочитаме дека Сандански е носител на голема идеја, која треба да ни го привлече вниманието нам, на Грците. Тој секогаш се борел за слободата на Македонија, а никогаш не настојувал да работи за Санстефанскиот договор и за присоединување на Македонија кон Бугарија, пишува во споменатиот текст.
– Едноподруго обнародува прокламации, со кои ги исмева… самите славјаногласни Македонци, кои се стремат за присоединување на македонските земји кон Бугарија… сега Сандански, кој нема никакви односи со луѓето во Софија… се наоѓа во Солун, учи и држи проповеди за заемна дејност на Елините и славјаногласните Македонци. Како што вели, тој ја подава својата десница за соработка помеѓу Елините и славјаногласните за македонската татковина… Македонскиот елинизам има потреба од време и спокојство, за да се развие, а за тие две нешта може да помогне Сандански, кој ќе ги помири Елините Македонци со славјаногласното македонско население. Тој може да помогне… да се вратат тие под Вселенската патријаршија, откако ќе ја напуштат Бугарската егзархија, да ги изучуваат елинскиот јазик и елинската книжевност, да се уништат бугарските училишта и да се отворат други, во кои ќе се изучува славјаногласниот македонски јазик заедно со елинскиот. Тие нешта не се мачни и лесно може да се убеди Сандански бидејќи се надеваме во неговите македонски погледи и неговото конечно одделување од бугарската борба – пишува во весникот „Кери“.

Атентаторите истрелале седум куршуми

Непосредно пред атентатот, Јане го напуштил Солун и заминал во внатрешноста на Македонија каде што требало да го подготви организирањето конгрес, на кој требало да се усогласи македонската политичка платформа. За овие настани, софискиот весник „Камбана“ вели дека санданистите постигнале договор со некои дејци од Битолско, а самиот договор требало да биде санкциониран од конгресот, кој требало да се одржи на 25 септември 1908 година во Солун.

На 24 септември 1908 година, еден ден пред одржувањето на конгресот, бил извршен атентат врз Јане Сандански, кој штотуку се вратил од својата агитациона турнеја низ Серскиот револуционерен округ во Солун. Вечерта Јане седел во „Бошњак-ан“ и читал весници. Малку пред десет часот, на вратата се појавил поранешниот војвода Тане Николов, заедно со Бојанов и двајца терористи и веднаш започнале да стрелаат врз Јане.

Според австрискиот конзул, атентаторите испукале седум куршуми. Во истиот момент, терористот Запренов, кој дотогаш седел во „Бошњак-ан“, истрелал по два куршуми во Јаневите приврзаници – Мицко Самарџиев-Врански и Танчо Атанасов. Јане бил погоден во пределот на десната плешка и вратот, по што паднал под масата. Неговите приврзаници биле погодени во градите, но тоа не ги спречило да тргнат кон атентаторите и да стрелаат врз нив. Јаневите придружници откако испукале неколку куршуми, се срушиле мртви на улицата. Јане бил пренесен во италијанската болница каде што бил лекуван. Тано Николов по враќањето во Софија, во тамошните весници објавил дека атентатот го извршил како одмазда за убиството на Борис Сарафов.

Евентуалната ликвидација на Јане би предизвикала ослабување на левицата во македонското револуционерно движење. Одлуката за убиство на Јане била донесена уште во март 1908 година, а атентатот не бил случајно извршен еден ден пред одржувањето на закажаниот конгрес. Според проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, нарачатели на овој атентат, како и на другите посегања по животот на Јане, биле бугарските фактори. поради тоа што Јане Сандански бил голема пречка за бугарската политика кон Македонија, а бугарскиот прогон против Јане бил неминовен. Всушност, убиството на Сарафов и Гарванов послужило како параван за официјализирање на прогонот.


Проектот на „Нова Македонија“ за колоризација на историски фотографии сѐ уште е во тек

Чекор кон зближување со истакнатите револуционерни дејци

Фотографиите имаат важна улога во животот и општеството. Тие нѐ потсетуваат на нашето минато поврзувајќи нѐ со него, доближувајќи нѐ со генерациите пред нас, со нашите предци. Фотографијата е изблик на нивните предизвици и стремежи. Фотографијата може да му помогне на општеството да ја открие, научи и разбере историјата и што пореално да го согледа животот од минатото.

Крсте Петков Мисирков – Колоризација и обработка Дејан Јовески

Токму тоа е целта на проектот на „Нова Македонија“: преку колоризирање на црно-белите историски фотографии со примена на понова технологија, да се доближиме и да ги почувствуваме поблиску нашите предци од Македонија, да го разбереме нивниот начин на живот… Преку оригинален колорит, систематски истражен и додаден на старите фотографии, би сакале нашите читатели да добијат единствена можност да отворат една друга, подлабока димензија за перцепцијата кон нашите предци, а фотографијата да помогне да се збогати мозаикот од впечатоци и досегашни сознанија со една сосема нова перспектива.

На колоризираните фотографии што ги работат експертите во „Нова Македонија“ се истакнати дејци од македонското револуционерно движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век. На тој начин, намерата на проектот е сите ние да се зближиме со херојските генерации, со нивните желби, усилби, амбиции да се постигне македонскиот идеал: Своја држава, суверенитет, слободно изразување на својот мајчин јазик, покажување на својот автентичен културен израз…
Дизајнот и изработката на фотографиите се на уредникот на техника Дејан Јовески, заедно со новинарот Далибор Станковиќ. Н.М.

Илустрација: „Нова Македонија“