Бугарската историографија често се занимава со македонското национално – ослободително движење со цел да фингира докази за наводен бугарски карактер на споменатото македонско движење. Но за издвојување е дека бугарската историографија не се осмелува да фалсификува или да ретушира факти врзани за ликот и делото на македонскиот великан Петар Поп Арсов. Зошто?
Одговорот е мошне едноставен, односно професор д-р Ванчо Ѓорѓиев вели: „За определувањето, делото и ликот на Петар Поп Арсов, токму поради неговите неверојатно чисти и кристално јасно искажани македонски определби, изречени и забележани во многу наврати, бугарските фалсификати многу лесно би биле откриени и бугарскиот историски ревизионизам би бил смешен во контекст на историската вистина, односно на историографијата воопшто“
Денеска се навршуваат 157 години од раѓањето на Петар Поп Арсов, еден од основачите на Македонската револуционерна организација (МРО)
Бугарските историчари генерално заземаат став што нагласува наводно заедничко историско и културно наследство меѓу бугарскиот и македонскиот народ, велејќи дека многу клучни македонски историски личности и настани се неразделен дел од бугарската историја. Оттука бугарските историчари тврдат дека личностите како Гоце Делчев и Даме Груев се Бугари и не случајно плејада македонски револуционери се предмет на истражување и публикации од страна на бугарската историографија. Во Бугарија имаме стотина публикации за македонското револуционерно движење, меѓутоа недостига името на Петар Поп Арсов. Станува збор за значајна личност од поновата историја и еден од основачите на Македонската револуционерна организација (МРО), но зошто бугарските историчари го избегнуваат? Одговорот на ова прашање ни го дава професор д-р Ванчо Ѓорѓиев, кој во својата книга „Петар Поп Арсов, прилог кон проучувањето на македонското национално ослободително движење“, пишува:
– Бугарската историографија често се занимава со македонското национално – ослободително движење со цел да фингира докази за наводен бугарски карактер на споменатото македонско движењето. Но, за определувањето, делото и ликот на Петар Поп Арсов, токму поради неговите кристално јасно искажани во многу наврати, македонски определби, бугарските фалсификати многу лесно (во случајот на П.П. Арсов) би биле откриени – вели професор д-р Ванчо Ѓорѓиев.
Афирматор на културното и духовното издигање на македонскиот народ, македонската самобитност и на македонскиот литературен јазик и правопис!
Петар Поп Арсов е еден најголемите македонски национални фигури, а неговото влијание во македонското револуционерно движење особено се чувствува во два сегмента, македонската национална мисла и политичката борба за слобода. За него се вели дека е афирматор на културното и духовното издигање на македонскиот народ, македонската самобитност и на македонскиот литературен јазик и правопис. Поп Арсов истовремено се пројавува како идеолог на македонското револуционерно движење преку ставот за целосно одделување на македонските интереси од бугарските национални и политички интереси.
Тој беше инспиратор на идејата за отворање Висока педагошка школа во Скопје со статус на државен факултет и поборник за градење независна македонска црква. Тој бил фанатички убеден во можноста за постоење самостојна и независна Македонија како рамноправен фактор на Балканот и огорчен противник на нејзината поделба. Треба да се нагласи дека Поп Арсов е меѓу оние македонски национални дејци, како што се Даме Груев и Крсте Петков Мисирков и др., кои созреале на релацијата Солун-Белград-Софија. Во текот на оваа патешествие, Поп Арсов, како и голем број негови сопатници, разбрал дека ослободувањето на Македонија може да стане само со сопствени сили, без да се бара помош од некого.
Во Софија станал еден од основачите на Македонското студентско друштво (заедно со Даме Груев, Христо Поп Коцев, Димитар Мирчев, Никола Дејков и др.). Учествува во оформувањето на уставот и правилникот на друштвото. По растурањето на друштвото учествува во основањето на Младата македонска книжевна дружина и влегол во редовите на Лозарското движење (заедно со Георги Баласчев, Георги Белев, Климент Караѓулов и др.). Арсов бил поставен за главен уредник на весникот „Лоза“, официјален орган на лозарите. Од првиот број на списанието каде што го објави и својот расказ „На Мокров“, воведе еден нов македонски фонетски правопис, каде што и за првпат ги наоѓаме и употребени и карактеристичните букви: К’, Г’, Н’, а се исфрлени двогласните букви:Ъ, Ю, Ь, a гласот Ј е предаден во I.
По растурањето на Младата македонска книжевна дружина и забраната на „Лоза“, Арсов заминал за Македонија и во есента 1893 година се вработил како професор во солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Во Солун повторно се сретнал со своите стари познаници, меѓу кои и Даме Груев. Во тој период меѓу потесен круг на македонски интелектуалци се појавила идејата за основање една револуционерна организација, во овие случувања активно учествувал и самиот Поп Арсов. Тој ја прифатил иницијативата и станал еден од шестемина основоположници на Македонската револуционерна организација (МРО) и творецот на првиот устав на оваа организација.
Во текот на својата револуционерна активност извршувал повеќе функции. Бил претседател на Прилепскиот околиски комитет во 1896 година, директор на егзархиските училишта во Штип во 1896 г., претседател на окружниот комитет во 1896 година. По Виничката афера, првото масовно разоткривање на Внатрешната организација од османлиската власт, е обвинет за – организирање востание и е осуден на 101 година од страна на специјален воен суд во 1897 г. бил испратен во Подрум Кале, каде што останал до 1902 година, кога бил амнестиран. Останал настрана за време на Илинденското востание, поради апсење по Солунските атентати (во тоа време дошло до самораспуштање на Централниот комитет). Арсов станал член на ЦК на организацијата во 1904 година. Учествува во работата на Рилскиот конгрес во 1905 година и бил избран за задграничен претставник, учествува во дејноста на организацијата сè до нејзиниот неформален расцеп.
За време на подготовките на списанието „Македонија“, двапати бил притворан како интелектуален инспиратор. Учествувал во работата на Народната федеративна партија и парламентарните избори во 1910 г. Се заложил за градење независна Македонска црква и независно образование, ја пласирал идејата за отворање Висока педагошка школа во Скопје со статус на државен факултет, со Теодосиј Гологанов и Крсте П. Мисирков. За време на Првата балканска војна се повлекол во Велес, каде што организирал семакедонска конференција, на која тој и Димитрија Чуповски биле избрани да отпатуваат во Лондон за да го постават – македонското прашање на Мировната конференција, а неговиот поглед по ова прашање го дознаваме од реченицата – „Македонија ако ја немаше би требало дипломатијата да ја создаде за доброто на Балканот“, но под притисок на српската власт биле разоткриени, Чуповски се вратил во Русија, а Петар под закана за сопствениот живот пребегал во Бугарија. Во 1914 г. во Костенец станал учител. Во 1920 г. се повлекол од јавниот политички живот и се оженил со учителката од Солунската женска егзархиска гимназија, Христина Начева. Во 1930 година се преселил во Софија (се претпоставува дека контактирал со Македонскиот литературен кружок), каде што останува до крајот на животот.
Новините што Поп Арсов ги вградил во својот расказ подоцна му послужиле како урнек на Мисирков!
„На Мокров (расказ од животот на Македонците)“ е прозен расказ напишан од Петар Поп Арсов. Објавен е во списанието „Лоза“, кое било официјален орган на Младата македонска книжевна дружина. Дејството на расказот се случува во Богомила и во потесното подрачје на Азот, при што се отсликува еден секојдневен настан од животот во османлиска Македонија. Поп Арсов на еден мошне интересен начин го прикажал менталитетот на македонскиот народ. Во расказот, Поп Арсов, во лицето на еден патник ги пренесува своите размислувања и пораки до народот.
Тој пишува: „Рајо, рајо! Мислиш ли ти, дека со бабински плачеви ќе те слушне Бог и ќе се спасиш? Се лажеш несреќнице! Дојди по мене и ќе се спасиш – рекол Исус на еден, а тоа значи: Стани, опри се против непријателот и Бог ќе ти помогне. Лозјето не сака молитва, ами мотика! Од оф и леле и што ми било пишано! до сега никој не видел аир… та свести се, забога! Те тепа арнаутин – тепај го и ти! и тој душа и ти: раце ти дал Господ – што му додеваш на Бога…“.
Поп Арсов во расказот ги предава дијалектите на македонскиот јазик со карактеристичниот дијалект на Азот. Расказот е напишан со типичен лозарски правопис, кој е усовршен и е единствен таков текст објавен во „Лоза“. Поп Арсов вовел новина што се состоела во употребата на графемите за палаталните консонанти к’ (кук’а, нек’у, к’е), г’ (мег’у, луг’е, г’аур) и н’ (кон’у). Во неговите дијалози не се наоѓа буквата л, најверојатно поради мошне ретката употреба во македонскиот јазик. Друга одлика на Поп Арсов се редовната употреба на тројниот македонски член (к’iошот, чо’еков, селово, очиве долон) и честото испуштање на интервокалното в (чое’к, гласо’и, краста’и).
Петар Поп Арсов е првиот Македонец што во овој текст за меките македонски согласки ја употребува формата по графеми онака како што Крсте Петков Мисирков ја употребил по 11 години. Новините што Поп Арсов ги вградил во својот расказ подоцна му послужиле како урнек на Мисирков, кој ја употребил истата форма на графеми за меките македонски консонанти во веќе легендарната книга „За македонцките работи“. Д.Ст.