Фото: Принтскрин

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија информира дека во завршна фаза се преговорите за соработка со ВМРО-ДПМНЕ и учество во идната влада.

– Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во досегашната работа е отворено и транспарентно во однос на информирањето на јавноста за чекорите што ги презема во остварувањето на зацртаните политики и стратегии. Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во тој дух ја информираше јавноста дека ги отпочна преговорите за соработка со ВМРО-ДПМНЕ и учество во идната влада, како и дека во кусиот период на разговори, може да се каже дека истите се во завршна фаза – се наведува во соопштението од партијата.

Од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија информираат дека со претставници на ВМРО-ДПМНЕ разговарале и за одредени ресори, но тие во овој момент не се докрај дефинирани, ниту потврдени. Посочуваат дека разговорите ќе продолжат во наредните денови.

– Конкретните кадровски решенија и одлуките за тоа ќе ги донесат органите на Движењето ЗНАМ, низ доодветна интерна партиска процедура и истите ќе бидат соопштени во јавноста. Секоја шпекулација за одредени имиња и ресори Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ги оценува како неточни и невистинити – потенцираат од ЗНАМ.

Од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија посочуваат дека разговараат и преговараат со ВМРО-ДПМНЕ врз основа на платформа, со која, како што велат, настапи и на параламентарните избори, наречена „Проглас за достоинствена Македонија“.

– За Движењето ЗНАМ е важно Република Македонија да е демократска, современа, модерна, европска држава, втемелена врз Крушевскиот манифест и асномските принципи. Република Македонија да е самоодржлива држава, која произведува сопствена храна и енергија, што индиректно придонесува во јакнењето на
независноста и суверенитетот на државата. Република Македонија како држава во која правдата е еднаква за сите и нема неказнивост и неказниви и селективност. Држава која промовира нулта толеранција кон корупција и ефикасно се справува со организираниот криминал – велат од Движењето ЗНАМ.