Факултетот за електротехника и информациски технологии додели Златна диплома на дипломираните електроинженери од генерацијата 1970, 1971 и 1972 година. Во далечната 1970 дипломирале 27, во 1971 дипломирале 28 и во 1972 година дипломирале 31 студент. На доделувањето на Златната диплома во амфитеатарот на ФЕИТ присуствуваа 30-тина електроинженери од дипломираните 86 во трите генерации.
На доделувањето на дипломите, деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски потенцираше дека со оваа активност ФЕИТ се заблагодарува на електроинженерите од овие генерации за придонесот за развојот на државата и промоцијата на Факултетот.
-Главна причина за организација на ова случување е да Ви овозможиме да се видите со колегите и да се потсетите на тие студентски денови, за кои верувам дека будат одлични спомени. Минатото не треба да се заборави. Не треба ниту да се игнорира. Затоа што, минатото е темел, база, на која во сегашноста ја градиме иднината. Минатото не се менува и затоа е многу важно добро да го зацементираме во сегашноста. Ние сме горди и на минатото и на сегашноста а се надеваме ќе бидеме горди и на иднината – рече деканот Ташковски.
Досега, на ФЕИТ дипломирале над 8.000 електроинженери и дипломирани електроинженери, повеќе од 800 магистри и над 120 доктори на науки.
-Она што е ФЕИТ денес е резултат на работа на голем број генерации наставници, асистенти, административен кадар, како и на квалитетните студенти кои сме ги имале. Задача на секоја генерација е да креира нови вредности, а на наредната да ја надмине претходната генерација. Ние сме успешни во ова и посебно сме горди на нашиот образовен кадар, со кој успешно го носиме и одржуваме епитетот Најелитен факултет во Македонија – додаде Ташковски.