Љубовта кон кучињата се негува од мали нозе, но, колку и да е таа љубов голема, за жал, понекогаш, доаѓа до каснување кое остава последици. Дневно може да се случат и по неколку каснувања од домашни или улични кучиња, за што граѓаните се обештетуваат од страна на општините или сопственикот на кучето. Дел од експертската јавност смета дека е неопходно да се подигне свеста кај населението за тоа кои видови на кучиња е најдобро да се одгледуваат во домашни услови и каква внимателност е неопходна кога се работи за кучиња скитници, на кои треба да им се помага, но и да се внимава доколку се болни или поагресивни, пишува МИА.
При угриз од куче да се побара совет од лекар, а не интернет мислења
Педијатрите и докторите по ветеринарна медицина препорачуваат да се побара лекарска помош за да се утврди за каков вид на повреда станува збор. Нагласуваат дека е од исклучителна важност да се следат советите на здравствените работници, а не да се применуваат искуствата и мислењата што се споделуваат на социјалните мрежи или на форумите за миленици.
Педијатарот доктор Ангелчо Андоновски во изјава за МИА вели дека во последно време се повеќе има ситуации во кои деца имаат проблеми после каснување од куче.
– Треба да се побара помош веднаш штом се појават првите симптоми. Најчестите симптоми кај децата се несоница, попуштање во училиште со поведението, стравови да се движат во околната средина, токму поради фактот дека постојано сметаат дека ќе бидат каснати- појаснува Андоновски, кој е дел од тимот на Здружението на граѓани „Откритие“ кое реализира програма за поддршка и заштита на жртви од напади од кучиња.
Програмата е дизајнирана да ги заштити граѓаните од ризиците поврзани со напади од бездомни или сопственички кучиња, како и да им обезбеди сеопфатна поддршка за справување со последиците од ваквите инциденти.
Докторката по ветеринарна медицина Искра Бекриќ, која исто така е дел од тимот, нагласува дека во напади на куче не спаѓаат само угризите, туку и агресивното лаење и ‘ржење, бркање при движење или возење велосипед, трчање по возило во движење, со што може да се предизвика сообраќајна незгода и слично.
Бекриќ посочува дека дел од угризите од куче се минорни и површински, при што доволно е да се дезинфецира раната, но дека има и посериозни случаи.
– Станува збор за случаи на угриз од куче при што доаѓа до раскинување на кожата, поткожните ткива или мускулите.. Најголемите ризици се инфекциите при продирање на бактериите и вирусите присутни во усната шуплина и плунката кај кучето. Најсериозните бактерии се скоро секогаш присутната пастерела како и предизвикувачите на тетанус и беснило. Особено значајно е брзо да се побара медицинска помош, бидејќи можноста за инфекција на раната се зголемува 12 часа по угризот. Важно е да се напомене дека одредени раси на кучиња имаат доволно силна вилица да предизвикаат и фрактура на местото на угризот, особено ако се работи за угриз на екстремитети или на лицето- истакнува таа.
Пренесувањето на бактеријата која предизвикува тетанус е ретко, вели Бекриќ, но не е исклучено.
– Ризикот од пренесување на беснило во моментов во нашата држава е многу низок и последниот пријавен случај кај животно е во 2013 година, но никогаш не треба да се изостави напоменување на забележани симптоми кај кучето кое нападнало како неиспровоциран напад, зголемена агресивност, зголемено лигавење или пена од устата. Доколку процени дека е потребно и доколку нема приложена информација за вакциналниот статус на животното, здравственото лице ќе препорача имунизација и против беснило- нагласува Бекриќ.
Оваа докторка по ветеринарна медицина вели дека примената на антибиотици не е секогаш потребна, особено не при рано делување и обработка на раната.
– Но, повторно напоменувам дека е од исклучително голема важност да се следат советите на здравствениот работник, наспроти искуствата и мислењата на членови на форуми и фејсбук групи за миленици. По посериозен угриз од куче за кој е потребна медицинска асистенција, би добиле неколку прашања. Дали се работи за сопственичко или улично куче? Доколку е сопственичко, дали го познавате сопственикот на кучето и дали тој може да приложи документација за неговиот вакцинален статус и да образложи зошто настанал нападот? Доколку е улично, дали има можност да се лоцира и залови со цел да се евалуираат неговата здравствена состојба и степенот на агресивност? – образложува Бекриќ.
Таа истакнува дека по напад од куче, агресивноста кај него ја одредува ветеринарен доктор кој е обучен да спроведе тест на социјализација, иако за релевантноста на истиот, како што додава таа, улога имаат многу фактори.
– Најголемиот проблем е што овие тестови, особено кај бездомните кучиња, се изведуваат во средини неприродни за кучето, со што дополнитено се зголемува вознемиреноста кај него. Доколку се процени дека кучето покажува агресија, се преминува кон одредување на степенот на таа агресија. Доколку се работи за предизвикана агресија и истата не е постојана, се спроведува дресура на кучето. Доколку се процени дека кучето е екстремно агресивно и опасно за околината, се спроведува хумана евтаназија – подвлекува Бекриќ.
Програма за заштита на жртвите од угриз и напад од куче
Програмата за поддршка и заштита на жртви од напади од кучиња „Откритие“ е релативно нова. Целта е да се подигне свеста од ризикот од угриз од куче, а за успешно реализирање на активностите вклучени се психијатри, психолози, доктори по ветеринарна медицина, адвокати, професионалци кои работат секојдневно со кучиња и се справуваат со напади од кучиња.
– Преку нашата програма сакаме да влијаеме на одговорното сопствеништво, на начинот на бирање куче – каква раса на куче ќе се избере, како да се чува правилно за да не дојде до ситуација на угриз. Тоа е многу важно и таа педагогија можеме да ја направиме – појаснува Илија Петковски, магистер по природни науки на Сорбона, кој е дел од оваа програма.
Програмата има и една друга перспектива, а тоа е едукацијата на луѓето кон ризикот од напад од улични кучиња. Бездомната популација на кучиња расте и нападите од кучиња растат на глобално ниво, вели Петковски, додавајќи дека Светската здравствена организација има прогласено буквално епидемија на напади од кучиња на светско ниво и дека тоа е тенденција којашто ќе расте и треба да бидеме свесни за тој ризик.
– Во Македонија има официјално статистики, точно шест напади пријавени од бездомно куче на човек на ден. Голем дел не се пријавени, бидејќи голем дел од граѓаните не си ги знаат своите права и на кој начин, кои се правните процедури за да се изборат за обесштетување при таков угриз и голем дел од тие напади, за жал, не се евидентирани, не влегуваат во овие статистички податоци. Исто така голем дел, можеби и мнозинството на овие напади, воопшто никогаш нема да ги забележиме во статистиката, затоа што се случуваат во домашни услови од сопственото куче поради несоодветно поставување и непрепознавање на знаците на говорот на телото на кучето пред да се случи такво нешто – подвлекува Петковски.
Граѓаните кои се нападнати од куче имаат право на соодветен паричен надоместок, што зависи од силината и траењето на повредата, а обврската за исплата на финансиските средства е на Град Скопје, општините или на сопственикот доколку кучето е домашно.
– Во мојата пракса сум имала судски постапки за надомест на штета и од угриз и од туркање од куче, но и сообраќајна незгода настаната од куче скитник. Сите досегашни повреди на моите клиенти се поткрепени со соодветна медицинска документација, фотографии од повреди и потврда од МВР. Многу ретко се предомислуваат да започнат судски спор. Не можам да дадам точен број колку напади имам регистрирано во 2025 година, од причина што во некои случаи имам само телефонски јавувања од граѓани кои бараат правен совет, а некои се во фаза на прибирање потребна документација. Од мојата пракса, најчести напади се од бездомни кучиња. Меѓу нападнатите, има луѓе од сите категории, помлади, повозрасни и слично – вели адвокатката Павлинка Гичева-Петкова за МИА.