Обидот на еден европратеник од владејачката партија на нашиот источен сосед – ГЕРБ, да вметне амандман со којшто македонскиот идентитет ќе го дефинира како „present“ или сегашност, јасно ја вади на површина политиката на „живковизмот“ која што, за жал, сѐ уште е жива кај политичарите во Софија, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по посетата на реконструираното одделение за систематски преглед во Институтот за јавно здравје во Скопје.
Премиерот, во одговор на новинарско прашање за бугарската резолуција за Македонија, изрази жалење што бугарските пратениците се обидуваат да предизвикаат остра реторика кај нас, но дека тоа нема да се случи.
– Се обидуваат да предизвикаат остра реторика кај нас, но ние тоа нема да го направиме, само ќе изразиме жалење и ќе повикаме на добрососедски односи и поддршка за добриот сосед Македонија, како што тоа впрочем го правеле соседите едни кон други. Се потврдува сето она што го зборувавме во минатото дека не се проблем неколку стотина наши сограѓани којшто велат дека се дел од бугарската заедница. Не се суштинскиот проблем на официјална Софија да тие бидат дел од преамбулата, туку целосна асимилација и потврда на тезата на живковизмот дека македонскиот идентитет е граден како резултат на одлука на Коминтерната и тогашниот претседател на Југославија Тито – рече Мицкоски.
За тоа дали македонската Влада исто така размислува да иницира резолуција во законодавниот дом, Мицкоски одговори дека вели македонскиот Парламент има носено многу резолуции во минатото, истакнувајќи дека изминатите месеци Македонија работела на Извештајот на известувачот за јасно да го потенцира посебниот многувековен македонски идентитет и јазик сѐ до моментот додека во работна верзија не бил доставен до АФЕТ.
– Ние изминативе месеци работевме на извештајот на известувачот за јасно да го потенцира посебниот многувековен македонски идентитет и јазик, сѐ до моментот додека во работна верзија не беше доставен до АФЕТ, тоа беше, би рекол, под Радев, тоа беше добро. Се постигна тоа што требаше да се постигне. Во изминатиов период бевме обвинувани што правиме, како правиме… Работите во животот треба да ги правите со мали, но сигурни чекори. Големи чекори како некој што викаше квантни, не враќаат три квантни назад – рече Мицкоски.
Македонскиот премиер ги повика политичарите во Брисел внимателно да слушаат што се порачува од официјална Софија.
– Во Брисел внимателно да слушаат какви пораки ќе доаѓаат од нивните колеги европратеници и какви пораки ќе доаѓаат од официјална Софија во 21 век и дали тоа има некаква врска со европските вредности. Нема да додадеме ништо повеќе, кога тие молчеа ние бевме гласни. Сега кога многумина кога ќе не погледнат ни велат „да, во право бевте“. Суштината е асимилација, исто како што во пописот 1956 година во соседна Бугарија постојат скоро 200.000 Македонци, а во пописот 1965 година едвај 9.000 Македонци, прашањето е каде исчезнаа за девет години речиси 200.000 Македонци – рече Мицкоски.