фото: Маја Јаневска Илиева

Развојот на современите општества е тесно поврзан со напредокот на науката, а слабата научноистражувачка активност претставува показател за цивилизациски дефицит, оцени претседателот на Македонска академија на науките и уметностите, академик Живко Попов, во своето експозе на Годишното собрание на Академијата.

Според него, науката и иновациите имаат суштинска улога во технолошкиот развој, економската конкурентност и интеграцијата на државата во глобалните научни текови. Тој нагласи дека високото образование е клучен фактор за создавање кадар кој е креативен, критички ориентиран и способен да придонесе за општествениот напредок.

Попов посочи дека придонесот на државата во современите научни достигнувања не е на посакуваното ниво и дека е неопходно системско зајакнување на научноистражувачката инфраструктура.

– Потребни се коренити реформи, а нивното спроведување мора да се третира како стратегиски приоритет на државата – истакна Попов.

Во своето излагање тој предложи формирање посебно министерство за високо образование и наука, донесување современа законска рамка и обезбедување стабилно институционално финансирање за универзитетските и научните активности. Истовремено апелираше за побрзо усвојување на измените на Законот за Македонска академија на науките и уметностите, нагласувајќи дека Академијата предолго чека на тие измени.

Како важни мерки ги посочи намалувањето на бирократските процедури, воспоставување јасни критериуми за академско напредување, стимулирање на извонредноста, формирање фонд за поддршка на научни проекти, како и поголема грижа за студентите и задржување на младиот академски кадар.

Осврнувајќи се на општествените предизвици, Попов предупреди дека партизацијата на институциите и недоволната ефикасност на правосудниот систем претставуваат сериозна пречка за напредокот на државата, особено во процесот на евроинтеграции.

– Во нашето општество сè уште е присутна генерална партизација на администрацијата и на други институции кои треба да бидат независни, и за жал ваквата состојба ќе потрае – рече Попов.

Тој оцени дека и покрај спроведените реформи во правосудството, нивната имплементација останува слаба. Посебно се осврна на работата на Судски совет на Република Северна Македонија и Академија за судии и јавни обвинители, нагласувајќи дека Судскиот совет досега не се покажал доволно силен и убедлив во спроведувањето на своите одлуки.

Во делот посветен на здравствениот систем, Попов истакна дека државата се соочува со сериозни проблеми кои произлегуваат од партизацијата на институциите, несоодветната организација на медицинското образование и фрагментацијата на Клиничкиот центар.

Тој предупреди и на, како што рече, неконтролираното отворање нови медицински факултети, оценувајќи дека тоа може да доведе до намалување на квалитетот на наставата и научната работа, пренесе МИА.

– Според препораките на Светска здравствена организација, на околу два милиони жители следува еден медицински факултет, а кај нас веќе се отвораат нови – рече Попов.

Попов ја критикуваше и практиката здравствените установи подолго време да бидат управувани од в.д. директори, оценувајќи дека тоа создава неефикасно управување и институционална нестабилност.

Во завршниот дел од своето обраќање, тој оцени дека постои простор за подобрување на односите со соседните држави преку културна и научна соработка, инфраструктурно поврзување и интензивен дијалог на сите нивоа.

Попов истакна и дека Македонска академија на науките и уметностите ќе продолжи активно да работи на зајакнување на својата улога и придонес во развојот на науката и општеството.