Фото: МИА

Енергетската транзиција не се однесува само на технологии, инвестиции и мегавати, туку пред сè на луѓето, заедниците и економскиот развој, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на настанот „Женски лидерски дијалог во енергетиката“.

Таа нагласи дека улогата на жените во трансформацијата на енергетскиот сектор е исклучително важна, особено во процесот на развој на обновливите извори на енергија и енергетските заедници, пренесе МИА.

Според Божиновска, и покрај одредениот напредок, жените и натаму се недоволно застапени во енергетиката, особено на технички и раководни позиции, поради што се потребни системски мерки за подобрување на нивната вклученост.

Таа посочи дека е неопходно да се охрабрат девојчињата и младите жени да избираат технички и научни професии, како и да се развијат програми за менторство, професионална поддршка и фер можности за напредување во секторот.

Министерката упати порака до младите жени да бидат храбри и да не се двоумат да влезат во области кои традиционално се сметале за машки професии.

– Енергетиката има потреба од вашата креативност, визија и храброст. Вие сте идните инженерки, експертки, претприемачки и лидери – порача Божиновска.

Таа додаде дека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на создавање поинклузивен енергетски сектор и поддршка на иницијативи кои ќе го поттикнат активното учество на жените во енергетската транзиција и развојот на зелената економија.

На настанот беше претставен и регионалниот проект „Жените во енергијата – WIN“, насочен кон зајакнување на улогата на жените во енергетскиот сектор преку обуки, вмрежување и развој на знаења за нови можности, вклучително и учество во енергетски заедници и проекти за обновливи извори на енергија.