Претседателката Гордана Силјановска-Давкова се обрати на отворањето на 24-часовната виртуелна конференција организирана од Women in Tech, посветена на унапредување на инклузијата, разновидноста и еднаквоста на жените во STEM-областите.
Во своето излагање таа истакна дека жените денес не се маргинален дел од технолошките процеси, туку нивни двигатели и креаторки. Како што нагласи, тие се истражувачки умови, претприемачки, инженерки, програмерки и визионерки што активно ја обликуваат иднината, од развојот на вештачката интелигенција до создавањето дигитални платформи кои ги поврзуваат луѓето и економиите ширум светот.
– Современата технологија ги брише географските граници и создава нов простор на можности во кој знаењето, храброста и визијата се поважни од местото на живеење. Од Сиднеј до Скопје, од Берлин до Сингапур, од Њујорк до Токио, жените денес се поврзуваат, разменуваат искуства и градат заедничка глобална приказна – истакна Силјановска Давкова и додаде:
– Во минатото многу жени работеле во средини без еднаква застапеност, честопати принудени да вложуваат двојно повеќе напор за да го добијат заслуженото признание. Денес, благодарение на нивната истрајност и посветеност, тие се носителки на иновации и лидери во технолошкиот развој – додаде претседателката.
Таа нагласи дека успехот во современиот свет не е индивидуална трка, туку резултат на споделено знаење, меѓусебна поддршка и солидарност.
– Кога една жена напредува, таа создава простор и за други – порача претседателката, охрабрувајќи ги девојките што го прават својот прв чекор во технологијата да веруваат во своите идеи и да не дозволат некој да ги обесхрабри нивните амбиции.
Обраќајќи им се на младите девојки, претседателката порача дека „иднината не е однапред напишан код“, туку се гради со љубопитност, креативност и визија.
– На девојките, кои денес го прават својот прв чекор во технологијата, сакам да им порачам дека иднината не е однапред напишан код. Таа се создава секој ден преку љубопитноста, креативноста и смелоста да се замисли свет што се уште не постои. Нека не дозволат никој да им каже дека нивните идеи се премногу големи или нивните амбиции премногу смели, зашто секој голем технолошки пробив започнал како нечија храбра мисла – порача Силјановска Давкова.
Конференцијата, која траеше 24 часа, поврза илјадници жени од различни континенти, создавајќи глобална мрежа на знаење, искуство и поддршка насочена кон градење поправедно и поинклузивно технолошко општество.


































