Фото: Маја Јаневска-Илиева/Илустрација

Пониските цени на горивата и храната во земјава значително ја зголемија фреквенцијата на патници на граничниот премин Ќафасан, особено за време на викендите. Најголем дел од посетителите доаѓаат од пограничните региони на Албанија и најчесто престојуваат кратко во Струга, со цел да наполнат гориво и да купат прехранбени производи, пренесе МИА.

Според податоците на СВР Охрид, само во првите шест дена од април регистрирани се 40.734 патници, што претставува пораст од 11 проценти во однос на истиот период минатата година. Во земјава влегле 20.952 лица, додека 19.782 излегле.

Надлежните очекуваат дополнително зголемување на фреквенцијата во пресрет на продолжениот велигденски викенд, кога традиционално има поголемо движење преку граничните премини.

Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека нема простор за загриженост во однос на снабденоста со гориво, и покрај зголемената побарувачка. Како што истакна, дневната потрошувачка пораснала од 1,5 на околу 2 милиони литри, но количините се стабилни.

Воедно, Владата ја продолжила мерката за намалено ДДВ од 18 на 10 проценти со цел да се заштити стандардот на граѓаните и бизнисите.

Трендот на раст е забележлив и на подолг рок – во првите три месеци од 2026 година преку преминот поминале 435.534 патници, што е за 6 проценти повеќе во споредба со истиот период лани.