Илустрација/Фото: Пекселс

Годинава зголемен е бројот на пријави за семејно насилство во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи (МОЦСР) во Прилеп.
Според надлежните до овој момент имало 84 пријави не сметајќи ги пријавите заведени како поплаки.

– Семејното насилство за жал стана секојдневие во модерното време во кое живееме, а ако споредиме од работата на Центарот и добиените пријави од претходната година и тековната 2024 година, бројот на пријави добиени во центарот е зголемен и до овој момент има 84 пријави не сметајќи ги пријавите заведени како поплаки. За жал оваа година зголемен е бројот каде жртви на семејно насилство се јавуваат децата, но од друга страна е добро што е развиена свеста за препознавање на насилството врз децата од другите институции и зголемена е меѓуинституционалната соработка за надминување на овој проблем. Кампањата 16 дена активизам против родово базирано насилство заврши, но останува прашањето што по тоа? За подигнување на свесноста кај жртвите на семејно насилство и негово препознавање, потребно е да се работи континиурано во текот на 365 дена, а не само во тие 16 дена активизам – рече Јасминка Митреска, социјален работник од МОЦСР на денешната средба со новинарите.

Реален предизвик е семејното насилство и затоа треба да се даде фокус на подигање на свеста за сексуалното вознемирување, демнењето и контролирачкото однесување како родови форми на насилство и нивното влијание врз благосостојбата и развојот на младите жени и девојки, со оглед дека има ниска стапка на обвиненија и истрага за овие дела, а за жал кај жртвите не постои препознавање на истите и бројот на вакви пријави е многу мал.

-Ќе го нагласиме и фактот на многу мала примена на мерката отстранување од домот на насилникот како итна мерка која е во надлежност и должност на другите институции, а се изрекува во текот на 12 часа од пријава на насилството, со што се зголемува стравот и неизвесноста кај жртвите бидејќи се доведуваат во ситуација наместо тој што го предизвикува насилството да биде отстранет, жртвата е принудена да го напушти домот и да се смести било во семејство на блиски роднини или во соодветен шелтер центар – вели Тање Тренкоска Алексоска, правник од Центарот.

Според педагогот Гордана Велјаноска, соодветен шелтер центар за сместување во Прилеп нема, па се користат шелтер центрите од другите градови во државата.
– На овој начин се јавува проблемот со следење на наставата на децата кои се во образовен процес, а сместени таму, се соочуваат со проблем на адаптација, прилагодување во новата средина, ограниченото движење, недостауваат нивните другар. Недоставува советувалиште за жртви во Прилеп – вели педагогот Велјаноска.

И покрај обезбедувањето и напорот на стручните работници да пружат заштита на жртвите, останува прашањето каква е заштита на стручните работници од тимовите за семејно насилство?

-Соочени сме со закани, навреди, заплашување, лични освети, нанесување штети на личен имот, закани кон фамилијата и семејството, изложување на ризик посебно кога треба да ја извадиш жртвата од домот и да и обезбедиш соодветно сместување. Работата под стрес е секојдневие и влијае врз секојдневното наше функционирање и во приватниот живот, постои наше емоционално и професионално согорување – вели психологот Ангела Чавкоска, потенцирајќи дека им недоставуваат соодветни обуки, психосоцијална поддршка, а имаат и недостиг од стручен кадар во Центрите општо.

Ка.М.