Зголемен е бројот на пациенти кои бараат помош за гастроинтестинални тегоби во кумановската општа болница, информираа денеска од инфективното одделение. Последните денови е регистриран пораст на лица кои се јавуваат со симптоми како повраќање, дијареја, болки во стомакот и зголемена температура, симптоми карактеристични за овие инфекции.
-Со повисоките надворешните температури се јавуваат и зголемен број на пациенти, што заради мешање на луѓето шетање, што заради консумација на храна која е недоволно термички обработена, несоодветно чувана или незапазување на личната хигиена. Почнувајќи од пролетта сè до крајот на летото имаме зголемен број на вакви инфекции. Клиничката слика започнува со гадење, повраќање, зголемена телесна температура, болки во зглобовите – изјави началникот на инфективното одделение од кумановската болница, д-р Валентина Џартовска.
Оние лица со полесна клиничка слика се лекуваат дома со доволно хидратација и хигиено-диететски режим. Лекарите укажуваат дека инфекциите од овој тип најчесто се пренесуваат орално, преку нечисти раце, а најмногу страдаат децата, постарите лица и пациентите со хронични заболувања. Кај нив, симптомите можат да преминат во потешка клиничка слика.
-Помали деца или возрасни се потешките случаи или оние со нарушени имунитет- појаснува д-р Џартовска.
При високи температури, лекарите советуваат да се внимава со чување и обработка на храна, темелно да се мие овошјето и зеленчукот, да се складира храната во фрижидер и да не се консумираат млечни и месни продукти од непроверени извори.
-Да се внимава на хигиената при обработка и манипулација со храна, да се одбегнува потешка храна, овошјето, зеленчукот убаво да бидат измиени, тогаш да се консумираат, темелна хигиена- препорачува д-р Џартовска.
Лекарите препорачуваат да се избегнува храна која не е термички обработена, да се чува во фрижидер, темелно да се мијат рацете, овошјето, зеленчукот и да се внесуваат доволно течности.