Земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала утринава во 5:04 часот ја вознемири југозападна Македонија, откако потресот со епицентар во Албанија се почувствува во повеќе погранични делови на земјава. Според Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, епицентарот бил лоциран на околу 158 километри југозападно од Скопје.
Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ) прецизира дека земјотресот се случил 16 километри северозападно од Тирана, на длабочина од само 5 километри – што го прави потресот повлијателен и на површината.
Во Македонија, земјотресот е почувствуван со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала, особено во југозападниот регион – Охрид, Струга, Ресен и околината.
Инаку, слични сеизмички активности беа забележани и минатата недела. На 16 јуни беше регистриран земјотрес со јачина од 3,8 степени, со епицентар во подрачјето Пештани-Охрид-Струга, кој во Охридската котлина се почувствува со интензитет од V степени.
Според податоците на ЕМСЦ, утрово се регистрирани и неколку послаби потреси во Албанија, што укажува на засилена сеизмичка активност во регионот. Македонските институции ги следат состојбите и апелираат на смиреност.