Телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва на 9 јануари 2022 година, регистрира серија земјотреси чии епицентри се наоѓаат на 130 километри јужно од Скопје, во соседна Грција во околината на Лерин.
-Првиот земјотрес кој се случи во 22 часот и 43 минути беше со Рихтерова магнитуда 5,6 а беше најсилно почувствуван од населението во југозападниот дел на земјата и тоа со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала. Во централниот дел од земјава беше почувствуван со интензитет од IV степени а во Скопје и околината со интензитет од III – IV степени според истата скала. Вториот почувствуван земјотрес беше во 22 часот и 53 минути со Рихтерова магнитуда 4,2 а беше почувствуван од населението во југозападниот дел на земјата со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала – велат оттаму.
Според досегашните податоци овие земјотреси освен мала вознемиреност кај населението не предизвикале материјални штети.