Македонија е позиционирана на 42. место во светот според Индексот за слобода на медиумите на Репортери без граници за 2025 година, што е пад од шест места во однос на лани кога беше 36-та.
Земјава и покрај забалежаниот пад, сепак, по Словенија која е на 33 место и Црна Гора 37, е повисоко рангирана од останатите држави од регионот.
Хрватска е 60-та, Бугарија 70-та, Албанија е на 80 место, Босна и Херцеговина на 86, Грција на 89, Србија на 96 и Косово на 99.
Репортери без граници ја оценува состојбата со слобода на медиумите во земјава како „задоволителна“.
– Иако новинарите не работат во непријателска средина, широко распространетите дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за намалување на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Исто така, владините претставници имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите – се наведува во општата оценка за Македонија.
Оценката на Репортери без граници за земјава се базира на неколу индикатори – Медиумски пејзаж, Политички контекст, Правна рамка, Социокултурен контекст, Безбедност.
Индексот за слобода на медиумите на Репортери без граници за 2025 година опфаќа 180 земји во светот.
На врвот на листата од 180 земји во светот е Норвешка, а меѓу првите пет се и Естонија, Холандија, Шведска и Финска. На дното, пак, се Еритреја, Северна Кореја, Кина, Сирија, Иран и Авганистан.