Независниот синдикат на здравствени работници (НСЗР) в четврток, 19 октомври, ќе организира предупредувачки протест на вработените во сите здравствени институции во државава за време на паузата, од 10.30 до 11 часот, зашто се незадоволни од тоа што и по средбата на нивни претставници во Министерството за здравство на 5 октомври немаат одговор за нивните барања.
Бараат зголемување на платата за 30 проценти на сите здравствени работници и на административно-техничкиот персонал, ревидирање на Колективниот договор, зголемување на додатокот за инфекција од еден на четеиреи проценти, трансформација на работниот однос од определено на неопределено на тие што се со договор на дело и бенефициран работен стаж.
Кристина Олевска од синдикатот во ГОБ „8 Септември“-Скопје, на прес-конференција рече дека не се согласуваат со предлогот за зголемување на платите за 15 проценти само на медицинските сестри.
-Со тоа ние не се согласуваме затоа што ние сме алка, синџир во здравството и еден без друг не можеме. Затоа продолжуваме да се бориме за зголемување за 30 проценти на платата за сите здравствени работници и на административно-техничкиот персонал. Власта мора да го слушне нашиот глас – рече Олевска, која соопшти дека нејзината плата е 28 илјади денари, има средно образование, 25 години стаж и работи во одделот за радиотерапија т.е. изложеност на рендгенско зрачење.
Боби Бојчевски, координатор на Независниот синдикат на здравствени работници (НСЗР), рече дека предупредувачкиот протест ќе биде „крик за достоинствена плата и достоинствен живот“ на 22 илјади вработени во здравствениот сектор во земјава. Покачувањето од 10 проценти, рече, е малку, затоа што „ги изело“ галопирачката инфлација.
– Ова е предупредувачки протест, а крајна фаза е да излеземе на улица. Но, жално и бедно е тие што беа хероите на 21 век да излезат на улица – додаде Бојчевски.
Лазо Костовски, претседател на синдикатот на болницата за геријатрија „13 Ноември“-Скопје, на прес-конференцијата соопшти дека меѓу барањата е и трансформација на работниот однос од определено на неопределено време за 241 вработен во здравство. Со нивното вработување на неопределено, рече тој, ќе нема разлика во финансиите, но дека трансформацијата „ја кочи“ Министерството за финансии од каде што нема согласност.
Тој, исто така, рече дека сите вработени во здравството треба да имаат и бенефициран стаж и посочи на тешките услови за работа кои ги имаат вработените во психијатриските болници, кои немаат обезбедување и не добиваат инфективен додаток.
Предупредувачкиот протест на 19 октомври ќе биде за време на паузата од 10.30 до 11 часот за да нема застој во работата со пациентите и ќе биде или на работните места или вработените може да излезат пред здравствената институција каде што работат. Протестот ќе го поддржат и возачите на Брза помош со едноминутно вклучување на сирените и ротациските светла на амбулантните возила.
Министерство за здравство: Годинава двапати се покачуваа платите, можностите и буџетот не дозволуваат повеќе
Можностите и буџетот не дозволуваат повеќе. Оваа година веќе двапати се покачуваат платите на здравствените работници, во првата половина на годината и овој месец, соопшти Министерството за здравство по најавата на Независниот синдикат на здравствени работници (НСЗР) за предупредувачки протест на 19 октомври.
– Еднаш во првата поливина на годината се покачија за 2.000, 2.500 и 3.000 за три различни групи здравствени работниици. Сега, на 9 октомври, имаше ново покачување од 10 проценти, плус договорена е исплата на регрес на крајот на годината. Апсолутно сметаме дека покачувањето е значајно и Министерството за здравство и министерот д-р Меџити од преземањето на функцијата силно се залага за подостоинствен приход, а двете покачувања се резултат, меѓу другото, и на оваа заложба. Сепак, можностите и буџетот не дозволуваат повеќе – наведува Министерството за здравство во допис до медиумите.
Оттаму посочуваат дека одржале повеќе состаноци со синдикатите на кои било разговарано на оваа тема при што, како што е наведено во соопштението, „детално им беше образложен пристапот на Владата и Министерството на здравство во однос на покачувањата“.