Здрава исхрана во летниот период

Здраво и безбедно на високите температури: Летен серијал во „Нова Македонија“

  • На страниците на „Нова Македонија“ објавуваме ексклузивна летна рубрика посветена на здравјето и безбедноста во најжешкиот период од годината. Преку совети од лекари и стручни лица, читателите ќе добијат практични информации за заштита од високи температури, правилна хидратација, избор на здрава и безбедна исхрана, безбедност при патувања и престој на плажи, како и за превенција од сезонски ризици и инфекции
  • Примарна опасност во летниот период претставува дехидратацијата. Покрај зголеменото внесување течности (два-три литри) дневно, важно е да се избегнува масна и висококалорична храна, бидејќи за нејзино метаболизирање телото троши големо количество енергија. Притоа како последица на термогенезата се зголемува телесната температура и се интензивира потењето, како компензаторен механизам што го зголемува ризикот од дехидратација

Летото е период поврзан со одмори, период во кој си дозволуваме да испробаме нешто ново и да направиме отстапки во однос на диететскиот режим. Сепак сето тоа треба да го направиме со доза внимателност и грижа кон сопственото тело, следејќи одредени препораки што ќе ни овозможат да внесеме здрави и корисни хранливи продукти, а притоа ќе го заштитат нашето здравје и ќе ни ја задоволат желбата за вкусна храна.
Примарна опасност во летниот период претставува дехидратацијата. Покрај зголеменото внесување течности (два-три литри) дневно, важно е да се избегнува масна и висококалорична храна, бидејќи за нејзино метаболизирање телото троши големо количество енергија. Притоа како последица на термогенезата се зголемува телесната температура и се интензивира потењето, како компензаторен механизам што го зголемува ризикот од дехидратација. Есенцијалните витамини, како и адекватната хидратација, антиоксидантите и растителните влакна ќе се обезбедат со редовно внесување овошје и зеленчук, кои содржи поголемо количество течност – лубеница, портокал, јагоди, праски краставица, домати.

Фото: „Нова Македонија“

Наместо пржената масна храна, значајно е да внесуваме храна богата со протеини како риба, пилешко месо, јајца. Јаткастите плодови исто така го подобруваат кардиоваскуларното здравје и ја зголемуваат апсорпцијата на нутриентите. Исто така, хранливите продукти како оризот и житните производи ќе ни ја обезбедат потребната енергија за дневните активности без да нѐ изложат на горенаведените здравствени ризици. Треба да се избегнува зголемено внесување алкохол, како и екцесивно внесување кафе бидејќи истото тоа може да доведе до значајни варијации во однос на вредностите на крвниот притисок, како и да се редуцира внесувањето сол на помалку од пет грама дневно. Треба да се избегнува прекумерното внесување шеќер со консумирање сладоледи и благи десерти, природните цедени сокови секогаш претставуваат побезбедна и поздрава опција.
Зголеменото внесување течности не треба да се обезбедува преку зголемено внесување засладени пијалаци, наместо тоа, зголеменото внесување вода, сокови на природна база и супи треба да се практикува во летниот период. Тешките обемни оброци треба да се заменат со полесни оброци, кои ќе се консумираат на три-четири часа. Иако летото е период кога сакаме да испробаме нови специјалитети, сепак секогаш приоритет треба да има нашето здравје и да се консумира храна од проверени извори бидејќи високите температури се асоцирани и со почести цревни инфекции.
Исто така храната секогаш треба да се чува на соодветна температура. Следењето на овие препораки, односно консумирањето здрава храна, ќе ни овозможи да се чувствуваме подобро и соодветно да ги поминеме летните денови во одмор и релаксација.

Автор: Андреј Начески, доктор по општа медицина во „Прима-мед“ при „Ре-медика“


Нутриционистички препораки за што поуспешно справување со високите температури

Експертите предупредуваат на особено внимание при консумирањето храна и пијалаци, бидејќи тие се исклучително битни при терморегулацијата и намалувањето на стресот на телото од високите температури. Значи, особено е важно да внимаваме и што пиеме и што јадеме, особено ако не можеме да избегнеме изложување на високи температури.
Сѐ повеќе научни истражувања ги потврдуваат придобивките од медитеранската исхрана и дека токму таа исхрана се смета за идеална и проверено функционална за човековото тело за време на летните горештини.
– Не се само рибата и маслиновото масло медитеранска храна. Медитеранската исхрана се и свежото овошје и зеленчук и вклучувањето многу житни производи, особено од цели (интегрални) зрна, и млечни производи со малку маснотии. Збогатувањето на оброците со свежи зачини може да придонесе не само за превенција од болести туку и за добра терморегулација.
Налето, за време на топлите денови, телото природно бара храна што е лесно сварлива, богата со вода и минерали што се губат со потење, со повеќе влакна и помалку масти и протеини. Сол, сувомесни производи и пржени мрсни јадења се храна што треба да се избегнува. Свежите овошни сокови и ферментирани млечни производи со ниска содржина на маснотии се корисни извори на ензими, пријателски бактерии, влакна и витамини и минерали – истакнуваат нутриционистите. Н.М.