Денеска не непушти универзитетскиот професор во пензија Кирил Темков, кој предаваше Етика и Естетика на Филозофскиот факултет во Скопје, како и Филозофија на менаџерство на Институтот за филозија при Филозофскиот факултет. Според негови учебници се изведува факултативно настава по етика во основните и во средните училишта во земјава.

Повеќе од 20 години во додатокот за деца „Колибри“ во дневниот весник „Нова Македонија“ излегуваше рубриката „Етика за млади“, чиј автор беше проф. д-р Кирил Темков.
Во издание на „Нова Македонија“ пред десетина години излезе од печат и неговиот прирачник „Етика за најмладите“, што наиде на извонреден прием кај просветните работници.
По тој повод, професорот Темков изјави: „Нова Македонија“ и „Колибри“ со собено внимание ги следеа повиците на македонските филозофи за воведување етичка настава за младите. Тие ја поддржаа оваа неопходна благородна активност за да се приклучиме кон модерниот свет, во кој се учи етика. Објавувајќи ја континуирано рубриката „Етика за млади“ секој вторник во „Колибри“ и овие лекции како целина во прирачникот „Етика за најмладите“, редакцијата на „Нова Македонија“ им дава шанса на граѓаните и на младите на Македонија на едно емсто да ги добијат најзначајните етички мисли и поуки, кои треба да ги користат за да ни биде на сите подобро и меѓусебно поубаво да се согласуваме“.
Темков објавил и 250 рецензии и статии во весникот „Нова Македонија“.

Тој е етичар со светско реноме, автор на голем број книги, учебници и научни дела од областа на филозфијата, етиката, менаџерството, уметноста, естетиката и џез музиката. Меѓу нив е и книгата „Етичари“, која излезе од печат 2014 година, која е резултат на догогодишно студирање и предавање на предметот Историја на етиката како градивна дициплина на Етиката.
Кирил Темков е роден 1943 година во Кавадарци во занаетчиско семејство. По преселувањето на фамилијата во Србија, тој се школува во Белград, а по враќањето во Македонија 1968 година дипломира во Скопје. Докторира 1982 година на Филзофскиот факултет..
– Професорот и мој ментор, д-р Кирил Темкјов, остави голема трага со својата просветителска дејност и со непоколебливата решеност за воведување на предметот Етика во основното и средното образование. Тој на македонски јазик ги преведе делата на најголемите светски етичари и филозфи и со својата креативност и образовен активизам освен на скопскиот предаваше на голем број универзитети во светот. Ќе го помниме по професионалната посветеност, непсоредност, врвна ораторска умешност и менторска поддршка – изјави проф.д-р Зоран Крстевски.
Освен со својот интелект, Темков остави трага и со својата хуманост. Во 2016. година на библиотеката во родното Кавадарци и подари 2.000 книги. М.Т.

































