Фото: ЈП за државни патишта

Завршува рехабилитацијата на магистралниот пат Охрид – Свети Наум во должина од 24,3 километри, инвестиција од 11,7 милиони евра, информира Јавното претпријатие за државни патишта.

 

Според информацијата, во завршна фаза е поставувањето на вертикалната и означување на хоризонталната сигнализација, а привршува и поставувањето на еластичната одбојна ограда.

– Со рехабилитација на оваа главна туристичка сообраќајна делница, ја подигнуваме безбедноста во сообраќајот и обезбедуваме квалитетна патна врска од Охрид до манастирскиот комплекс Свети Наум. Исто така, ја подобруваме патната мрежа, го подигнуваме квалитетот на туристичкиот потенцијал и го потикнувме економскиот развој во охридскиот регион. Со реконструкцијата заради зголемување на безбедноста во сообраќајот, како и прегледност на патот се изврши и растеретување на косини од нестабилен карпест материјал и се монтираше заштитна челична мрежа на косините – стои во информацијата на ЈПДП.

 

Рехабилитацијата почна во август 2023 година, потенцираат, ќе заврши во предвидениот рок за изведба, јуни 2025 година.