Φото: Маја Јаневска-Илиева

Членовите на Собраниската Комисија за финансирање и буџет во попладневното продолжение во шестиот ден продолжија со расправата по предложените амандмани за Предлог-буџетот за 2026 година. Амандманите, кои беа разгледани се однесуваа на образованието, а не беше прифатен ниту еден од разгледаните.

Во текот на расправата пратениците од власта и од опозицијата со меѓусебни препукувања за тоа кој повеќе сторил за унапредување на образовниот систем на сите нивоа, кој ги реновирал, а кој го запустил студентските домови, кој дал поголем придонес за зголемување на студентскиот стандард, за подобрување на средното и основото образование, кој со своите политики довел до унапредување, а кој до руинирање на образовниот систем.

Меѓу предложените амандмани беше и тој од пратеничката група на СДСМ, за зголемување на износот на студентскиот оброк. Пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска го образложи амандманот, нагласувајќи дека со него се бара 180 милиони денари за зголемување на студентскиот оброк, за 40 денари, со оглед на промените во економските параметри. Таа побара од пратениците доколку во моментов не може да се зголеми студентскиот оброк, кој моментно изнесува 140 денари за дополнителни 40 денари, да се зголеми барем за 10 денари на 150 денари, колку што бараат студентските тела. Костадиновска Стојчевска истакна дека студентскиот оброк бил воведен во 2020 година, кога тие биле власт и во почетокот изнесувал 120 денари, а потоа бил покачен согласно зголемувањето на инфлацијата.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски посочи дека веќе е договорено за академската 2025/26 студентскиот оброк да изнесува 140 денари и за тоа се предвидени средства и дополни дека оваа година се зголемил и опсегот на студенти, кои го стекнале тоа право. Тој нагласи дека согласно законските решенија верува оти во академската 2026/27 година ќе има извесно зголемување на висината за субвенционираниот студентски оброк.

– Оваа Влада е партнер на студентите и ќе продолжи тоа да го прави и во иднина – рече Јанкуловски, кој посочи дека овој амандман не може да го прифатат.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Сергеј Попов во расправата истакна дека на негова иницијатива од пред неколку месеци студентски оброк може да земаат поголем опсег на студенти, односно можат да земаат и постдипломци, студенти на приватните универзитети и од интегрирани студии, а ги спомена и ваучерите од 15.300 денари за електронска опрема, кои во првата недела од отворањето ги подигнале околу 40.000 студенти.

Пратеничката Даниела Николова од СДСМ му одговори дека тие како опозиција го поддржале проширувањето на опсегот на мерката субвенциониран студентски оброк, како и ваучерите за електронска опрема, а тие, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ не го поддржале воведувањето на студентскиот оброк како мерка.

Меѓу одбиените амандмани, исто така од опозицијата, беше и тој за обезбедување 200 милиони денари за дигитално унапредување на наставата во основните и средните училишта. Амандманот го образложи пратеничката Николова.

Заменик-министерот Јанкуловски истакна дека амандманот не се прифаќа и оти во буџетот се предвидени 50 милони денари за ИКТ во основните и средните училишта.

Пратеничката Дафина Јованоска Стојаноска, пак, истакна дека јавноста нема кратка мерморија, ги памети лошите политики на претходната влада, како и десетте милиони евра наменети за дигитализација, која не била спроведена. Таа со критика за образовните политики на претходната влада, меѓу кои за организирањето на далечинската настава во времето на ковид-кризата, за што рече дека ќе требаат години за да се пополни таа празнина која настанала тогаш.

– На СДСМ сега ви текна да поднесувате аманднмани за осовременување на образованието. Вие се просветлувате кога ќе станете опозиција – рече таа.

Пратеничката Николова ѝ одговори дека далечинската настава во времето на ковидот била успешна и ја упати за тоа да го прочита извештајот на УНЦЕФ и ги спомена 60-те милиони евра потрошени за проектот „компјутер за секое дете“, кој како што рече се спровел непромислено.

Расправата по амандманите за буџетот во Комисијата продолжува утре во 12 часот.

За Предлог-буџетот се поднесени околу 200 амандмани. Економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП. Државата планира 374,7 милијарди денари вкупни приходи, 413,9 милијарди денари вкупни расходи, како и 40,5 милијарди денари капитални инвестиции.

Пленарната седница на која ќе се разгледува Предлог-буџетот за 2026 година, според најавите, е планирано да се одржи на 9 декември.